Основците од Дебрца го посетија Геријатриското одделение во охридската Општа болница

Учениците од Основното училиште „Дебрца“ денес го посетија геријатриското одделение во охридската Општа болница, каде што на сите згрижени лица им подарија новогодишни честитки и украси кои самите ги изработија со помош на своите родители во рамките на низата активности кои ги реализира училиштето по повод Новогодишните и Божиќните празници.

„Целта на оваа посета е да покажеме колку малку е потребно во животот да се направи една добрина, за одредена категорија на луѓе во општеството да се почуствуваат сакани и среќни.“– велат од училиштето.

Во рамките на овие активности учениците под мотото „Од дете за дете“ спроведоа хуманитарна собирна акција на производи за изработка на Новогодишни пакетчиња. Дел од изработените пакетчиња денес беа донирани во Центарот за социјални грижи во Охрид на дечињата кои престојуваат во згрижувачки семејства.

„Нашето училиште и во утрешниот ден заедно со Дедо Мраз ќе ја внесат Новогодишната магија и по домовите на семејства од Општина Дебрца.“– додаваат оттаму.