Отворен нов Центар за кариерно советување

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска присуствуваше на отворање на Центар за кариерно советување на учениците во рамки на Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски”- Скопје, кое одбележува 49 години постоење.

Ристовски истакна дека кариерниот центар се отвора преку проектот “ЈЕС мрежа“ финансиран од УСАИД, преку кој се обезбедува директна поддршка на учениците во насока на нивно правилно насочување и кариерен развој во натамошниот дел од животот. Посочи дека е исклучително задоволен од реализацијата на проектот затоа што, како што рече, учениците кои се дел од ова училиште се со извесни лесни попречености, но во ништо не се разликуваат од останатите ученици кои учат и се образуваат во редовните училишта во Република Македонија.

„Јас сум многу среќен и задоволен затоа што и на оваа категорија ученици им се овозможува поддршка во кариерниот развој. Со таквата директна поддршка се обезбедува вистинската инклузија на овие ученици и нивно вклучување во секојдневниот живот. Во изминатите неколку години околу 50 ученици од ова училиште се ангажирани и работат во приватни фирми во Македонија со што се потврдува правилноста на спроведувањето на овој проект“, рече Ристовски, додавајќи дека Министерството за образование и наука во соработка со УСАИД ќе продолжат да отвораат кариерни центри за сите ученици во Република Македонија, независно дали се дел од редовниот образовен систем, од редовните училишта или се ученици кои учат во училишта за ученици со извесни посебни потреби.

Со отворањето на Центарот, училиштето станува дел од 53-те училишта во земјата во кое се отворени кариерни центри за поддршка на учениците во изборот на професија и транзицијата кон пазарот на труд.