Попоски: Да не се креираат нереални очекувања од позитивниот тренд во односите со Грција

Односите со Грција бележат извесен позитивен тренд, но од тоа не е реално да креираме очекувања дека тоа може само по себе да го реши наметнатиот спор, кој не оптоварува над две децении. Ќе бидеме ангажирани за негово надминување, а во таквите напори ќе се водиме од добро познатите ставови и интереси на Република Македонија, кои се засновани на европски вредности за недискриминација и за почитување на демократските стандарди, особено на меѓународно-правните норми.

Ова го нагласи министерот за надворешни работи Никола Попоски во годишното обраќање пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика говорејќи во делот за добрососедските односи. Тој потсети дека се реализирани билатерални посети во Скопје и во Атина, договорени се 11 мерки за практична соработка од области од заемен интерес, а одржни се и првите политички консултации.

„Мислам дека никој нема дилема околу тоа дека имаме став и тој е многу јасен. Немаме дилема дека тој став е различен од тоа што ни го бараат, тој што ни го има наметнато. Не бараме ништо непринципиелно. Нашиот став е истите меѓународно-правни стандарди, истите демократски стандарди кои се применуваат врз другите држави да важат и за РМ“, потенцира Попоски во одговорот на прашањето од пратеникот Павле Трајанов дали има и која е стратегијата за надминување на спорот за името со Грција.

Тука, рече тој, имаме проблем, бидејќи од другата страна се соочуваме со ситуација на сила. – Грчкото видување во овој контекст е следно: вие може да сте во право и можеби меѓународното право е прекршено, но ние сме во позиција на сила бидејќи вие сакате во клуб, во кој ние сме веќе внатре и имаме право на вето и доколку не играте по наше, ќе ви направиме животот да ви биде компликуван, појасни Попоски и додаде оти нашиот одговор на тоа е оти сме решени да влеземе во клубот поради наш интерес и немаме никаква намера да создаваме непријателства со Грција.

Во рамки на она што се нарекува политичко позиционирање, Попоски смета дека во голема мерка имаме придонесено од надвор да ни измислуваат дополнителни критериуми за нашето членство во НАТО и во ЕУ, поради злоупотребата, како што рече, на разни теми со евроатлантска интеграција за внатрешно-политички цели.

„Не треба да бегаме од тоа дека помагаме во изнаоѓање изговори, со самото тоа што креираме таква клима и не сме ги разјасниле работите меѓу нас оти има теми за кои има национален интерес и не треба да бидат користени за дневно политички поентирања“, порача шефот на македонската дипломатија и ја повика опозицијата заеднички да лобираат за македонската позиција.

Во меѓувреме, укажа Попоски, покрај стандардната блокада од Грција, поради неконструктивната политичка атмосфера и бојкотирањето на институциите, им понудиве дополнителни аргументи на тие кои сакаат да не попречуваат, а им стана тешко тоа врз основа на непринципиелните барања за името.

„Ние им понудивме алтернатива. Кога не знаете што да кажете, а сакате да го скриете фактот дека не блокирате поради името, можете да спомнете дека имаме разни препукувања на политички теми и дилеми внатре во државата кој бил за ЕУ, кој за НАТО. Ова е сервирање аргументи само за нив“, оцени министерот за надворешни работи.

Според Попоски, со членството во НАТО перцепцијата за безбедноста на РМ ќе биде многу подобра ако сме дел од Алијансата. Подготвеноста пак за полноправно членство, меѓу другото ја имаме покажано и со тоа што имаме направено 17 годишни циклуси на усогласување и прилагодување и сме единствена земја од Вилнус групата која се уште не е дел од НАТО.

Единствена причина зошто не сме дел од НАТО, подвлече, е блокадата од Грција поставена во 2008 година во Букурешт, поради непринципиелно барање за менување на името на РМ.

„Не сметаме дека имаме посебни закани од безбедносна природа и тоа не е мотивот за влегување во НАТО, но имаме покажано веќе над 10 години дека имаме капацитет да придонесуваме на ниво на земја-членка на НАТО“, истакна шефот на македонската дипломатија.

Тој додаде оти членството во НАТО и во ЕУ е во интерес на РМ, пред се економски, но претставува и мотор на реформи и подобрување на имиџот на меѓународен план.