Министерот за надворешни работи Никола Попоски во денешното годишно обраќање пред собраниската Комисија за надворшна политика истакна дека активностите на МНР во текот на 2015 година биле во согласност со утврдените стратешки наворешно-политички цели и приоритетите на Република Македонија.
Според Попоски, 2015 година била година на предизивици, година во која, рече, се соочивме со предизвици дома, а бевме исправени пред предизвици на Балканот и поголем број во светот.
Актуелната мигрантско-бегалска криза, како феномен незабележан во поновата светска историја, поради нејзината комплексност и бројните импликации, оцени тој, ги надминува националните граници.
„РМ е сериозно засегната од секојдневниот наплив на бегалци и мигранти. Импликациите од кризата се сериозни и повеќестрани и поради тоа адекватно и одговорно пристапивме во справување со истата“, рече тој, додавајќи меѓу другото оти остануваме посветени на соработката со засегантите земји долж бегалската рута и партнерството со ЕУ на овој план.
Клучно е, смета тој, да имаме единствен еворпски одговор, а РМ ќе продолжи да придонесува и да соработува со сите европски партнери, а се надеваме на зајакнување на соработката со Грција и позитивната улога која може Фронтекс да ја има на овој план. Заканите од тероризмот, насилниот екстрмизам и радикализам, посочи, се наметнуваат како заедничко глобално зло.
„Терористичките напади во Париз, Тунис, Анкара, Бејрут, Багдад… се напад врз целото човештво, мирот, слободата, принципите и вредностите за кои се залагаме. Соработката и заземањето заеднички сеопфатен пристап во борбата против тероризмот е најсоодветен начин за надминување на овие предизвици. РМ е активен партнер во меѓунаордната антитерористичка коалиција“, истакна министерот Попоски.
Тој говореше и за ЕУ и НАТО интеграциите, мултилатералните односи, регионалната соработка, претседавањето со Централно-европската иницијатива (ЦЕИ), државите од соседството, економската дипломатија и македонската дијаспора.
Членството во ЕУ, истакна Попоски, останува основен приоритет кон кој се стремиме, но оваа година, подвлече, се одвиваше во светло на политичката криза во чие надминување придонес даде и еврокомесарот Јоханес Хан и тројца европратеници. Европската комисија, потсети, седми пат годинава даде препорака за почеток на преговорите со ЕУ.
„Спроведувањето на преостанатите обврски од политичкиот договор и спроведување на изборите во април 2016 година се наша заедничка обврска. Ние мораме да ги елиминираме сите изговори што ја доведуваат во прашање нашата подготвеност за почеток на пристапните преговори“, порача Попоски и додаде оти е од заемен интерес и на ЕУ и на РМ на пролет да бидат иницирани пристапните преговори.
За членството во НАТО, нагласи дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата останува силен аргумент од правен аспект и го оправдува влезот на Македонија во Алијансата.
На мултилатерален план, ја спомена одлуката за номинирање кандидат за нов генерален секретар на ОН, активното членство во Советот за човекови права во Женева, учеството во Бордот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија во Виена и во Извршниот одбор на УНЕСКО, каде се промовираат македонските национални интереси.
Попоски ја оцени соработката со ОБСЕ на високо ниво и информира дека е упатена покана до ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат во април 2016 година и согласно првичните најави најмалку 300 меѓународни набљудувачи ќе ги набљудуваат изборите. Информира дека Република Македонија во октомври идната година ќе биде домаќин и на есенската сесија на Парлментарното собрание на ОБСЕ.
Во односите со САД, потенцира шефот на македонската дипломатија, продолжуваме да негуваме стратешко партнерство. Според него, односите со Руската Федерација се традиционално добри, економската соработка се интензивира, со заложба за зголемување на трговската размена и привлекување инвестиции. Унапредени се, рече, односите со НР Кина и со Јапонија.
Најави проширување на дипломатската мрежа и во таа насока планираното отворање Амбасада на РМ во Бразил следната година. Истовремено, Попоски информира дека во рамки на концептот на колокација, од април годинава е извршена првата колокација во рамки на дипломатско-претставништво со Црна Гора во Париз, во објект во сопственост на Република Македонија, добиен по пат на сукцесија од имотот на поранешна Југоаславија. Се преговара, најави, за неколку нови локации со Црна Гора и со Србија, а во тек е постапка за потпишување договор за колокација со Босна и Херцеговина.
Еден од приоритетите на МНР, рече министерот Попоски, останува и економската дипломатија со активности за претставување на РМ како привлечна дестинација за странски инвеститори и атрактивна туристичка дестинација.
Во МНР, посочи Попоски, континуирано се поддржува македонската дијаспора, главно преку отворање културни катчиња, одсржвуање курсеви и настава по македонски јазик, промоција на македонската култура и фолклор…
„Активно работиме на нов проект за воведување на пракса за стажирање во државните институции на студенти со македонско потекло од дијаспората,“ најави министерот Попоски.