Најголемиот интернационален младински филмски фестивал „Џифони“, во наредните два дена ќе гостува во Охрид. Во име на општина Охрид, благодарност до организаторите упати заменик – градоначалникот, Ангел Јанев.
„Почитувани организатори, во име на општина Охрид и градоначалникот Бакрачески сакам да Ви се заблагодарам за тоа што го одбравте Охрид да биде дел од овај најголем интернационален младински филмски фестивал. Со овај фестивал, учесниците ќе имаат ретка можност, преку реномирани предавачи да се запознаат со тајните на филмот и филмската уметност. Преку работилниците коишто се организираат во рамки на фестивалот, тие ќе можат да се запознаат со целиот процес на креирање на филмот како и одблиску да ја запознаат магијата во создавањето на еден филм“-рече заменик – градоначалникот, Ангел Јанев.
„Џифони“ фестивалот е единствен од овај вид, кој покрај проекциите на филмови, организира дискусии за филмовите и работилници на кои ќе се креираат кратки филмови. Фестивалот ќе се одржува во просториите на Институт за филмска академија, која работи во рамки на Универзитетот „Апостол Павле“.
Со овај проект почнуваат да се остваруваат нашите заложби за поттикнување на креативноста кај учениците од средните училишта, кај младите охриѓани кои во голем број покажаа интерес за учество на дводневниот фестивал. Сакам да изразам голема благодарност до градоначалникот Никола Бакрачески, општина Охрид, директорката на „Џифони Македонија“, Елена Величковска, директорката на Агенција за филм на Македонија, Мими Ѓоргоска и до координаторите од средните училишта, истакна претставникот од Институтот за филмска академија, Зоран Велјаноски.
Охрид е последниот град за оваа година каде „Џифони“ авантурата ќе гостува. Фестивалот не е само работилница, туку тоа е еден голем проект, каде младите пред се гледаат филмови, по што следи дискусија за нив модерирана од стручни лица во областа. На тој начин учесниците доаѓаат сами до некои одговори и учат што е техника на снимање и некои други области како што е филмската музика.
„Џифони“ фестивалот е единствен по својата форма, заради тоа што форматот е посебен ги вклучува децата, меѓутоа не само како публика туку и како активни учесници во процесот на жирирање на филмовите“, изјави директорот на „Џифони“ Македонија, Елена Величковска.
Во рамки на фестивалот со свои предавања и работилници ќе учествуваат и неколку реномирани филмски работници од Македонија.
Предвидени се три работилници во овие два фестивалски денови. Едната работилница е за едноминутен филм и неа ќе ја држи координаторот кој што е член на нашиот тим, Стефан Палитов, втората работилница е за фотографија која што ќе ја држи професорот по фотографија Дарко Петровски и трета работилница е вовед во филмските жанрови која што ќе ја држи Тијана Петковска, додаде Елена Величковска.
Фестивалот започнува во сабота (26.12.2015) во 11 часот.