Обраќање на Иванов по повод доделувањето на признанието „Орден за заслуги за Македонија“ на МНТ

Обраќање на претседателот Иванов по повод доделувањтое на признанието „Орден за заслуги за Македонија“ на МНТ

„Денеска сме собрани поради Македонскиот народен театар, кој не е обичен театар.

Симболично, завесата на Македонскиот народен театар беше подигната во самите мугри на македонската државност, со одлуката на Президиумот на АСНОМ.

Од тогаш до денес, веќе 70 години, на сцената на овој театар се одигрува животот на цел еден народ. Доволно е да се сетиме на луѓето кои ги оживеаја македонскиот збор и македонската приказна на театарската сцена. Да се сетиме на Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Војдан Чернодрински, но, и на Блаже Конески, првиот лектор и драматург на Македонскиот народен театар.

Со нивните драми, тие ни ја вратија довербата во сопствениот македонски јазик и ги оспособија идните генерации да достигнуваат нови дострели во македонската драмска уметност.

Ценети присутни,

Низ децениите, Македонскиот народен театар се соочуваше со разни предизвици, и природни, и човечки.

Но, и покрај сè, опстана.

Ниту земјотресот, ниту цензурата на минатиот систем, ниту политичката коректност на денешницата не успеаја да ја спуштат завесата на Македонскиот народен театар.

Не успеаја заради една длабока човечка потреба, а тоа е потребата да се биде дел од големиот наратив во чие средиште е борбата за правда, мир и љубов.

Благодарение на оваа потреба на македонските граѓани, веќе 70 години, Македонскиот народен театар е подиум за вистината и за слободата. Вистината за општеството, за меѓучовечките односи, за нас самите. Вистината дека иако сме несовршени, сепак, се стремиме кон совршеност, која понекогаш ја бараме и на погрешни места.

Во сево ова театарот има улога на визуелна книга за животот. Улога на корективно огледало што искрено ги покажува нештата какви што се, но и какви можат да бидат. Низ драмските заплети и расплети, театарот храбро ни укажува на можните причини и последици од нашите одлуки.

Затоа, беше неопходно Македонскиот народен театар што поскоро да се вдоми. Па така, после неколку селби и преселби, од 2013-та, МНТ има нов дом издигнат врз стари темели. Со тоа конечно се создадени услови за севкупниот креативен потенцијал на македонските драмски уметници да дојде до полн израз.

Почитувани драматурзи, режисери, актери…

Нашите деца израснаа гледајќи ги вашите претстави. Кај нив го развивте чувството за етичкото и за естетското. Со своите драми, поставки и улоги ги подигнувате стандардите и критериумите во уметноста, но и во секојдневието. Со вашите сценски потфати, вие градите нови духовни вертикали во Македонија.

Меѓу вас има доајени на македонскиот театар. Некои од вас сега се во зенитот на кариерата. Трети допрва си градат име и препознатливост во Македонија и надвор од неа.

Но, уверен сум дека кариерата на секој еден од вас не започнала ниту со драмските студии, ниту со првото драмско дело, ниту со првата улога на сцената.

Кариерата на секој драматург, режисер и актер започнува во публиката. Започнува во оној момент кога сте го препознале повикот на театарот. Повик во својот живот да направите место за бројни ликови и да ги споделите со нас. И со тоа да го збогатите македонското и светското театарско творештво.

Заради сево ова, на овој свечен ден, ја имам честа, во името на благодарните македонски граѓани, вам, на членовите на Македонскиот народен театар да ви врачам Орден за заслуги за Македонија. Ова е наш израз на длабока благодарност за сè што вие и вашите претходници направивте во изминатите седум децении.

Но, овој орден е и еден вид завет меѓу вас и нас, меѓу театарот и публиката. А тој завет се состои во следното: Никогаш да не дозволите да замре мисијата на Македонскиот народен театар. Никогаш да не дозволите неговата завеса да остане спуштена. Секогаш да ја предизвикувате публиката со вистината која ослободува. А, за возврат ќе добиете верна публика и искрен аплауз.“- вели во обраќањето.

orden_MNT1 orden_MNT orden_MNT2