Следната година ќе се градат четири капитални објекти во областа на културата, Драмскиот театар-Скопје, Театар Комедија, Конгресен центар на местото на Универзална сала и стариот римски театар кај археолошкиот локалитет Скупи.
Ова денеска го истакна премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на нови дела од капиталните едиции „Антологија на светската поезија“, „Превод на антологија на македонската книжевност на шест странски јазици“ и „Македонски искушенија“.
„Готов е проектот за Драмскиот театар-Скопје и во текот на јануари ќе се објави тендер за изведувач за градба. Во јануари веројатно ќе се објави и оглас за изнаоѓање на јавно-приватно партнерство за Театар Комедија, а доколку тоа не успее, тогаш ќе се оди и таму со градба од страна на државата“, посочи Груевски во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“.
За објектот кој треба да дојде на местото на Универазлана сала и кој ќе биде Конгресен центар, премиерот информира дека проектот е готов и оти во текот на јануари ќе биде објавен јавен повик за изведувач на овој проект. Универазална, како што рече, ќе се замени со Конгресен центар, нешто што недостасува досега во Скопје и во Македонија.
Целосно се завршени археолошките истражувања на римскиот театар во Скупи, изработен е проектот за реконструкција на гледалиштето, а во јануари или февруари треба да биде објавен тендер за изведба.
„Тоа се четири капитални објекти кои ќе бидат градени во текот на следната година. Од јануари ќе почне да се објавува тендер за изведувачи, а некаде на пролет и градбите на овие објекти или најдоцна на почетокот на летото“, потенцира Груевски.
Премиерот информира дека во моментов интензивно се одвива градбата на Струмичкиот театар. Се работи за реконструкција и реновирање, кое, како што рече, е толку големо и длабоко, што е како градба на нов театар во Струмица.
На почетокот на следниот месец, Груевски очекува да се објави јавниот повик за идејно решение за изградба на театар во Охрид.
„Во текот на 2016 година ќе тече конкурсот за идејно решение, ќе се прави идејното решение, ќе има конкурс за основен проект, ќе се прави основниот проект и може кон крајот на следната година, ќе се направи тендер за изведба за во 2017 да имаме градба на театар во Охрид,“ рече Груевски.
Појасни дека во објектот ќе биде повеќенаменски, ќе има место за ликовни изложби, кино сала, место за Дом на култура, но неговата основна намена ќе биде театар.