Владата донесе заклучоци и препораки во врска со аерозагадувањето

Владата на Република Македонија денес на вонредна седница расправаше во врска со зголеменото ниво на загаденост на воздухот, при што донесе повеќе заклучоци и препораки.

Владата усвои заклучок со кој се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) во Градот Скопје и Општината Тетово (каде беше констатирано дека во десет последователни дена ПМ-10 честичките се над дозволените граници), да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лица над 60 годишна возраст со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, како и лица под 60 годишна возраст со дијагноза астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), до 4 јануари.

Владата на Република Македонија им препорачува на Градот Скопје и Општината Тетово да ги интензивираат активностите за чистење на улиците, особено околу градилиштата.

Владата го задолжи Државниот инспекторат за животна средина, до 4 јануари 2016 година да врши секојдневна вонредна контрола во инсталациите кои подлежат на А интегрирана еколошка дозвола и секој ден да доставува извештај до Министерот за животна средина и просторно планирање и до Министерот за здравство.

Владата им препорачува на Градот Скопје и другите општини, преку овластените инспектори за животна средина и комуналните инспектори, до 4 јануари 2016 година да вршат еднаш неделно контрола на инсталациите кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола само во делот на емисии во воздухот и имисии. При тоа, во рамки на контролите на територија на Градот Скопје и Општината Тетово, да се даде препорака за редуцирана работа на индустриските капацитети во соодветната единица на локалната самоуправа.

Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да ги даде следните препораки до граѓаните:

– Граѓаните почесто да го користат јавниот превоз;

– Граѓаните да не ги користат возилата без поголема потреба;

– Граѓаните да ја рационализираат употребата на автомобили што подразбира, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време;

– Да се почитуваат законските одредби во поглед на тоа да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал.

Истовремено, Владата на Република Македонија го задолжи Државниот инспекторат за животна средина да изврши контроли на сите автосервиси и доколку констатира неправилности при работењето од нивна надлежност да преземе соодветни мерки.

Владата на Република Македонија преку надлежните институции ќе ја следи реализацијата на донесените заклучоци, и состојбата поврзана со загаденоста на воздухот.