Граѓаните од печалбарските Подгорци и Лабуништа, струшко, срдечно и масовно го пречекаа претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој ги посети во текот на вчерашниот ден.
Жителите на Подгорци се пожалија дека младите се принудени да го бараат спасот надвор од државата. Но, не е само иселувањето и безработицата проблем. Иако селото има над 2.000 жители нема амбуланта.
Жителите не можат да се лечат, не можат да добијат основни здравствени услуги, во 21 век.
Граѓаните го однесоа претседателот Заев на местото каде што треба да биде изградена амбулантата. Сликите од местото кажуваат се, ја покажуваат целосната негрижа на власта во заминување за граѓаните. Наместо амбуланта има само руинирани бетонски столбови и градежен шут.
Еве видете, катастрофа е ова, вака „гради“ оваа власт, се трошат милиони за споменици а ние амбуланта немаме, рекоа жителите на Подгорци.
Проблемот со отпадните води исто така е сериозен проблем за ова населено место, бидејќи ги загадуваат нивите и ливадите од коишто жителите обезбедуваат храна.
ВМРО-ДПМНЕ не го прифати амандманот на СДСМ, со ребалансот на Буџетот, да се одвојат 20 илјади евра за пречистителна станица.
Тоа е уште една потврда дека власта на Никола Груевски освен за тендрите и бизнис интересите на фамилијата не се грижи за граѓаните.
Подгорци е само уште едно населено место во Македонија коешто е пример како не треба власта да се однесува. Само со дел од парите од опашката на коњот, од споменикот во Скопје, се решаваат проблемите коишто го мачат ова население, рече претседателот Заев во обраќањето пред насобраните граѓани од Подгорци.
„Такви се тие од оваа власт коишто ги видовме со проектот Вистината за Македонија. Јас сум убеден дека ќе ја спасиме Македонија а во новото време, по промените, ќе ги решиме проблемите и овде во Подгорци. Прво ќе отвориме работни места за овие млади луѓе да останат дома, да добијат фер шанса, својата иднина да ја градат во Република Македонија“ рече Заев.
Посетата на регионот претседателт Заев ја продолжи во Лабуништа а потоа и во Струга.
Во обраќањето пред стружани претседателот Заев рече дека манипулациите коишто Груевски ги креира преку провладините медиуми го потврдува стравот дека е фатен жив во незаконски постапки за кои се одговара согласно законите.
„Го гледаме Никола Груевски како манипулира, како подметнува, затоа што е фатен жив. Преку Министерството за внатрешни работи се правеле лажни лични карти, илјадници на број, фиктивни лични карти. Ги издавале само за некој да гласа на избори. По закон, се одговора со затвор за оваа работа. Фатен е жив Груевски и од ова бегање нема“ рече Заев.
Груевски вели ќе има нова влада на 15-ти јануари. Да, ќе има нова влада и ќе има нов премиер ама Груевски веќе никогаш повеќе нема да биде премиер, заминува. Промените доаѓаат во Македонија, слободата, демократијата, правдата, европските вредности повторно ќе се вратат и никој не може тоа да го спречи, рече Заев.