Со основање ИТ зони во наредните години очекуваме да отвориме неколку илјади работни места за информатички инжинери и да овозможиме вработување на невработениот кадар од оваа област, изјави премиерот Никола Груевски.
Со Законот за слободни ИТ зони што го усвои Владата пред неколку дена се овозможува влез во зоните на компании од областа на информатичката технологија, кои ќе користат бенефиции и ќе отвораат нови работни места.
Остварени се контакти со повеќе компании од различни држави кои пројавиле интерес по стапувањето во сила на Законот да инвестираат во Македонија односно, посочи Груевски, дел од своите бизниси да ги донесат во државава, да отворат работни места и да креираат додадена вредност.
„Целта е да се поттикнат компаниите да од секторот на информатичка технологија своите следни инвестиции и отворање работни места да ги направат токму во Република Македонија. Она што ќе го добијат како привилегија од страна на државата е во тие зони да имаат во првите десет години ослободување од данок на добивка, од персонален данок на доход и за нивната опрема што ќе ја увезат да бидат ослободени од ДДВ и од царина. Доколку сакаат да градат свои објекти земјиштето може да го земат на лизинг на долг рок по многу симболична цена“, изјави Груевски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на СОС Детското село.
Со оглед дека компаните бизнисот со развој на софтвер и компјутерскиот бизнис ретко одлучуваат сами да градат објекти и практикуваат да изнајмуваат, како што рече Груевски, веројатно државната институција ТИРЗ каде што ќе биде зместена и првата ИТ зона како посебна издвоена од слободните економски зони, ќе изгради административен објект и ќе го издава под кирија на заинтересираните компании.
„Ќе имаат можност или сами да изградат свој објект, тоа се главно администативни канцеларии каде развиваат софтвер и прават други операции поврзани со компјутерскиот бизнис, или пак доколку не сакаат да изградат ќе можат да изнајмат простор од страна на ТИРЗ за кирија која ќе биде прилично поволна“, изјави Груевски.
Премиерот посочи дека формирањето на ИТ зоните се значаен проект што бил ветен во програмата и по усвојување од Собранието ќе почне неговата реализација.