Владите на Република Македонија и на Сојузна Република Германија, ЕЛЕМ и КфВ банката денеска потпишаа една спогодба и три договори за реализација на проектот за изградба на нов систем за централно греење во Битола, Новаци, Могила и Логоварди.
Со договорот КфВ на ЕЛЕМ му дава заем од 39 милиони евра за реализација на проектот со фиксна каматна стапка од 1,5 отсто, што е историски најмала камата за изградба на инфраструктурен објект во Македонија, рок на отплата од 15 години со вклучен грејс-период од четири години. Ниската каматна стапка ќе значи заштеда од над три милиони евра.
ЕЛЕМ треба да ги обезбеди останатите 7,5 милиони евра од сопствени средства за реализација на проектот. Во првата фаза се предвидува да биде изграден магистрален цевковод од РЕК „Битола“ до Битола во должина од 12,5 километри, потстаница и дистрибутивна мрежа во Битола, како иприклучоци до дистрибутивните мрежи во Новаци, Могила и Логоварди, а во втората и дистрибутивна мрежа вотрите населениместа доколку има интерес.
„Уште едно ветување на Владата на Република Македонија денеска станува реалност. Со договорите кои ги потпишавме со Сојузна Република Германија и КфВ банката обезбедени се 39 милиони евра од вкупно 46,5 милиони евра што се потребни за изградба на системот за топлификација за Битола, Новаци и Могила“, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по потпишувањето на договорите.
Тој посочи дека воведувањето на централен топлински систем за Битола и нејзината околина е идеја која постоеше со децении наназад. – Тоа што го ветивме на граѓаните на Битола на последните локални избори еве сега станува реалност, рече Ставрески.
Потенцира дека со проектот е предвидено да се искористи отпадната неискористена топлинска енергија од РЕК „Битола“ преку изградба на систем за производство на топлинска енергија, магистрален топлински вод од 12,5 километри, примарна пумпно топлинска станица во Битола, дистрибутивна мрежа во Битола и приклучоци за населбите Новаци, Могила и Логоварди кон нивните дистрибутивни мрежи.
„Во првата фаза од проектот предвидено е освен домаќинствата во Битола на топловодната мрежа да се приклучат 35 јавни објекти од општината. Во втората фаза би се изградила и дистрибутивната мрежа во Новаци, Могила и Логоварди доколку има интерес кај граѓаните,“ рече Ставрески.
Прецизира дека Битола и околината имаат огромни придобивки од изградбата на системот за централно греење преку елиминирање на повеќе извори на загадување на животната средина и значително намалување на употребата на нафта и огревно дрво за загревање.
Додаде дека КфВ банката досега во Македонија има поддржано капитални проекти во вредност од 320 милиони евра.
Заменик-амбасадорот на СР Германија во Македонија Ханс Хелге Сендер посочи дека проектот за изградба на централен систем за греење во Битола е маркер на плодната соработка меѓу германската и македонската Влада. Нагласи дека ЕЛЕМ ќе го имплементира проектот во наредните четири години, а КфВ ќе ги исплати 39-те милиони евра директно на компанијата изведувач која ќе биде избрана на меѓународен тендер.
„Парите ќе бидат исплаќани на рати по завршување на работите и ретроактивно ќе бидат рефундирани на компанијата изведувач за трошоците што ги направила. Парите воопшто нема да се исплаќаат однапред. Проектот ќе биде под надзор на меѓународен технички консултант кој ќе ја следи и исплатат“, прецизира Сендер.
Главниот менаџер на КфВ банката Рајнер Суенен посочи дека главниот фокус на соработка меѓу Германија и Македонија е на полето на климатските промени и на заштитата на животната средина.
„Ова е важен проект кој претставува продолжување на нашата плодна соработка со нашите партнери во Македонија. Со ЕЛЕМ веќе имаме спроведено проекти од Програмата за енергетска ефикасност и обновлива енергија со реконструкцијата на шест хидроцентрали и изградбата на ветерниот парк во Богданци. Сега го почнуваме проектот во Битола со кој ќе се придонесе кон поголема енергетска ефикасност на локално ниво и пошироко. Граѓаните на Битола покрај еколошки подобрувања и замена на енергенсите ќе имаат и можност за нови вработувања“, рече Суенен.
Генералниот директор на ЕЛЕМ Дејан Бошковски денешното потпишување на договорите го оцени како уште еден важен чекор кон изградбата на топлификацискиот систем во Битола, Новаци, Могила и Логоварди и додаде дека во изминатиот период ЕЛЕМ изработи физибилити студија, ја подготви и ревидира проектно-техничката документација и ги прилагоди двата термо-блока во РЕК „Битола“.
„Изградбата на системот за топлификација очекуваме да има директно влијание врз намалување на емисиите од согорување на дрвото, нафта, мазут и фосилни горива, во малите домашни печки, како и во печките на јавните и комерцијалните објекти. Тоа ќе доведе и до намалување на емисиите на сулфурдвооксид, азотни оксиди и јаглерод моноксид и диоксид со што ќе има директен импакт врз зголемување на квалитетот на амбиенталниот воздух и на зголемување на квалитетот на животот на граѓаните во регионот“, рече Бошковски, нагласувајќи дека граѓаните на Битола ќе да ја добијат топлинската енергија за грејната сезона 2018-2019 година.
Префрлувањето на граѓаните на топлинскиот систем, додаде, ќе значи и намалување на потрошувачката на електрична енергија за загревање во зимскиот период што, пак, ќе значи зголемена енергетска ефикасност и заштеда на природните ресурси за производство на струја.
Генералниот директор на ЕЛЕМ потенцира дека во изминатиот период со КфВ банка ЕЛЕМ ги реализираше двата капитални проекти – втората фаза од ревитализацијата на шесте големи хидроелектрани и изградбата на ветерниот парк Богданци во вредност од 92,1 милиони евра.