Трендот на раст на индустријата во последните четири месеци е извонреден и двоцифрен и покажува дека имаме добар влез во следната година и ќе помогне не само да се оствари планираната стапка на раст од 3,5 проценти за годинава, туку и да имаме добар старт на 2016 година и да го реализираме растот од 4 проценти.
Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во одговор на новинарско прашање по потпишувањето на договорот за заем со КФВ банката за реализација на системот за топлификација на Битола.
Ставрески нагласи дека растот на индустриското производство во последните четири месеци е резултат на добрите мерки и политики што се преземаа во делот на Буџетот преку реализација на висок износ на капитални проекти кои се финансираат и од централниот Буџет, но и преку јавните претпријатија во државна сопственост.
„Таква е изградбата на патиштата која значително влијае врз резултатите на индустријата и на економската активност воопшто, како и на БДП. Втора е реализацијата на крупни проекти во делот на инвестициите на странските компании, како и поголемо производство на постојните компании“, рече Ставрески, нагласувајќи дека перманентно има нови странски инвестиции во земјава.
Потенцира дека извозот од странските компании оваа година ќе достигне околу 1,5 милијарди евра што, како што посочи, помага во насока на зголемување на индустриското производство и целокупниот економски раст во земјата.