Заев: Ги доставивме материјалите до специјалното јавно обвинителство

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес во изјава за медиумите истакна:

„Денеска, пред очите на јавноста, преку вас новинарите и камерманите, го завршивме нашиот дел од обврската од договорот од Пржино и материјалите од прислушуваните разговори коишто ги поседувавме како опозиција, се предадени на Специјалното јано обвинителство.

Претстои обемна работа за Специјалното јавно обвинителство. Посакувајќи им среќна Нова година и многу успех во работата, оставивме материјал којшто, дефинитивно гарантира многу работа на Специјалното јавно обвинителство.

Уште еднаш да повторам дека граѓаните преку Специјалното јавното обвинителство коешто е формирано во договор од четирите партии, очекуваат и се надеваат на трошка надеж дека правдата во Република Македонија повторно ќе се врати за секој граѓанин без разлика дали има некоја своја, каква било определба.

Овој дел од обврската е исполнет и нема нешто што виси како обврска на страна на опозицијата, како дел од договорот од Пржино којшто треба да биде исполнет.

Ние остануваме во исчекување дека сите точки, се што е зацртано во договорот од Пржино, ќе биде исполнето од сите учесници коишто се вклучени во овој договор.

Напоменуваме, Анкетната комисија е формирана со цел политичка одговорност преку јавни искази на повидок на јавноста, како што е формирано Специјалното јавно обвинителство заради кривична одговорност, за се што е поврзано и што произлегува од содржината на неовластено прислушуваните материјали. Секако, одговорност и политичка и кривична доколку ја има и се докаже.

Очекуваме, истовремено да биде донесен закон за медиуми, да се постигне договор за регулација на медиумите за да може да се создаде амбиент за кристално чисти избори, за фер, демократски и регуларни избори.

Истовремено, очекуваме да бидат исполнети сите соодветни рокови коишто зависат сега од новоформираната Државна изборна комисија. Согласно законот и договорот, целосно спроведување на фотографиите од биометриската документација, целосно спроведување на базите од биометриската документација, граничните премини, КИБС којшто ги гарантира транскационите сметки на граѓаните и сите други бази на податоци. Треба да се заврши теренската проверка на избирачкиот список за да опстои обврската на сите политички чинители, како одговорни пред граѓаните дека се обезбедени фер, регуларни и демократски услови за одржување на наредните парламентарни избори.

Не може Република Македонија повторно да оди на избори со 1 милион и 780 илјади гласачи, кога знаеме сите дека сме најверојатно помалку од 1 милион и 650 илјади жители во државата.

Ова се сериозни императиви коишто се поставени пред нас. Ставивме потписи сите четворица претседатели на политичките партии коишто сме вклучени во преговарачкиот процес и обврската е подеднакво заедничка на сите четири партии или сите четири чинители во договорот од Пржино.

Ова е сериозна работа.

Меѓународната заедница истакна, препораката може да опстои и надежта за европска иднина на Р. Македонија, само ако се исполни императивот на договорот од Пржино, а тоа се кристално чисти избори.“– истакна Заев.