Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов во придружба на министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на ГШ на АРМ Методија Величковски на првиот ден од Новата година ги посети припадниците на АРМ кои се распоредени на јужната граница за да и помогнат на граничната полиција во справувањето со предизвиците што доаѓаат со мигрантската криза.
За време на посетата, претседателот Иванов имаше заеднички ручек со припадниците на АРМ на кои им ја честиташе Новата година и им посака многу успех, а на Генералштабот да продолжи со реформите и како и досега да биде институција со најголема доверба меѓу граѓаните.
„Се уверив во професионалноста на нашата Армија и во нивната можност да се справат со сите предизвици. Бев информиран за сето она што е преземено во заедничката мисија со полицијата во изминатиот период и дека се спречени многу илегални преминувања на економските мигранти кои не може да влезат во земјава. Добро е што веќе е формиран заеднички Оперативен штаб во Гевгелија каде сите субјекти вклучени во справување со мигранската криза можат да ги разменуваат и споделуваат сознанијата и податоците и да се информираат меѓусебно за сето она што се случува долж јужната граница на Република Македонија” , изјави претседателот Иванов.
„Тука се и припадниците на полицијата од пријателските земји кои доаѓаат да и помогнат на нашата полиција и да се уверат на лице место каква е состојбата со мигрантите”, рече претседателот Иванов.
Претседателот Иванов како врховен командант на вооружените сили традиционално на првиот ден од Новата година ги посетува припадниците на Армијата.