Промоција на 20 наслови од нов владин капитален проект

Автобиографии и монографии за светски познати личности, спорт, здраво живеење и исхрана, превод на дела за најпознатите битки и војни во историјата, како и дела од архитектурата и дизајнот се четирите области од новиот проект на Министерството за култура и Владата во рамки на кој денеска беа промовирани 20 дела.

Како што информира премиерот Никола Груевски, станува збор за проект со кој продолжуваат заложбите на Владата во Македонија да се донесе сето она што недостасува или беше тешко достапно за македонските студенти на македонските универзитети и општо на македонските читатели, а кое потенцира се најдоброто и најбараното во светот во секоја од наведените области.

„Република Македонија во изминативе неколку години целосно се отвори за светската научна литература, а рафтовите во нашата држава станаа побогати за стотици нови книги од неколку капитални проекти. Таквиот наш ангажман продолжува и оваа година… Овој проект претставува продолжение на нашите инвестиции во образованието, во културата, во знаењето, во науката, спортот, младите и севкупно во иднината на Република Македонија. Овие области и во 2016 година остануваат едни од главните приоритети на Владата“, порача премиерот.

Тој истакна дека во делот на автобиогарфската литература проектот нуди можност за македонските читатели да се запознаат од блиску со животот и делото на исклучително значајни личности кои со својата позиција, дејствување и достигнување останале трајно врежани во светската меморија. Првите 10 книги се однесуваат на животот и делото на Моцарт, Бенџамин Френклин, Бонапарта, Тито, Хрушчов, Петар Велики, Стив Џобс, Медлин Олбрајт, Микеланџело и Марија Кири.

Втората област застапена во овој проект е од сферата на спортот и здравото живеење, и како што нагласи премиерот, е во корелација со повеќегодишните заложби, кампањи и мерки на Владата за развој на спортот и здравите животни навики.

„Ваквата литература во Македонија е доста ретка и ние се решивме да го дадеме својот придонес преку овој проект. Нашата замисла е да им помогнеме на сите рекреативци, спортисти, спортски клубови, спортски федерации, на студентите на Факултетот за физичка култура, професори и воопшто луѓето кои на различен начин се поврзани со спортот. Од друга страна, овој проект носи и литература која се однесува на практикувањето здрав живот и е наменета за сите граѓани на Македонија“, рече премиерот Груевски.

Во однос на книгите од областа на најпознатите битки и војни во историјата шефот на Владата истакна дека ќе бидат корисни за македонските историчари и научници, но и пошироката публика. Тие носат многу познати и непознати информации и занимливости за учесниците и карактеристиките на најпознатите битки кои го прекроиле светот, ги менувале народите и државите, донеле големи миграции и преселби и поместувања во составот на населението, а Македонија, вели, не била исклучок од ваквите појави и во својата историја и сегашност има многу белези од ваквите судири.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека фактите говорат дека како никогаш досега во Република Македонија се издаваат обемни и богати едиции на најзначајните изданија од сите области од животот, образованието, науката, уметностите и културата.

„Како никогаш досега македонското образование и културата се збогатуваат со трајни културни, уметнички и цивилизациски вредности, како никогаш досега нашите граѓани се здобиваат со можноста да ги прошират своите сознанија за областите кои се нивен интерес, како никогаш досега младите генерации добиваат непроценливо богатство од литература која е во функција на нивна едукација и надградба“, истакна Канческа – Милевска.

Таа посочи дека денеска промовираат три наслови од едицијата „Познатите битки и војни во светската историја“, кои се од голема важност не само за историчарите, туку и за културолозите и сите проследувачи на глобалните гео-политички текови.

„Војната не ги менува само границите и државите, таа ги менува цивилизациите и културите, како и општите историско-политички околности. Во оваа смисла „Цариград 1453: Падот на Византија“ на Дејвид Никол, ни го прикажува зајакнувањето на новата Отоманска империја која во 13 век го покорила и Балканот. Книгата „Петнаесет одлучувачки битки во светот: од Маратон до Ватерло“ детално ги обработува сите значајни битки кои го смениле текот на историјата и без кои светот денеска сигурно би изгледал поинаку“, рече Канческа – Милевска.

Третото издание кое од денеска ќе и биде достапно на нашата читателска јавност, нагласи министерката, е остварувањето на авторот Кит Робинс и е посветено на Првата светска војна.

– Минатата година низ светот се одбележа еден век од почетокот на Првата светска војна и во таа смисла книгата на Робинс всушност дава една слоевита слика за многуте аспекти на оваа голема човечка трагедија од која за жал, светот малку научи, потенцира Канческа – Милевска.

Таа рече дека во рамки на едицијата „Во светот на спортот и здравиот живот“, се преведени седум книги: „Јога – анатомија“ од Лесли Каминоф и Ејми Метјус, „Шутирај како професионалците, Патот до успешна техника на шутирање“ од Адам Филипи и Џери Вест, „Фудбал: потекло, развој и нови димензии“ од Александар Карденас, „Био механичка проценка на движењето во спортот и вежбањето“ од Карл Пејтон и Роџер Бартлет итн.

„Да се преведува значи да се стави сопствениот јазик и култура пред искушенијата кои со себе ги носат делата на големите светски култури но, кога домот на јазикот е одамна изграден, секоја нова преведена книга е само уште еден нов значаен орнамент запаметен од историјата,“ додаде Канческа – Милевска.

Проф.д-р Димитар Мирчев, осврнувајќи се на делата од едицијата „Познатите битки и војни во светската историја“, рече дека таа едиција на Министерството и на Владата, која е исто така дело на еден поширок круг на издавачи, автори, уредници, преведувачи…, без сомневање е еден зафат што заслужува големо внимание.

За делата од едицијата „Во светот на спортот и здравиот живот“ говореше деканот на Факултетот за физичка култура при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Вуица Живковиќ, кој рече дека тие се добро селектирани од европски и светски автори од доменот на спортот и здравиот живот кој ќе бидат добро четиво за читателите, професорите, студентите, спортската јавност.

„Тоа ќе биде еден голем поттик за нас како луѓе кои работиме во оваа фела и на овој начин ќе дадеме придонес да видиме до каде сме, каде сме добри, каде треба да се подобриме со цел да ја оствариме својата мисија за едукација на својот кадар, на нашите луѓе, на младите, но и на целата македонска јавност“, додаде Живковиќ.

Проектот треба да заврши до 2018, а во негови рамки предвидени се превод и печатење на вкупно 400 дела. Според програма, 150 книги ќе бидат од областа на превод на биографии и автобиографии, мемоари и монографии за светски познати личности од повеќе области и исто толку од областа на спортот, здравото живеење и исхраната, а по 50 книги од областа на најпознатите битки и војни во историјата и од областа на архитектурата, дизајнот, внатрешното уредување, орнаментиката и скулптурата. На денешната промоција беа презентирани наслови само од првите три области.

gruevski_promocija_g111_2 kanceska_promocija_g222 mircev_promocija_g333