Македонските дизајнери во нов економски подем

Дизајн центарот „Јавна соба“ најавува прва голема распородажба на дизајн производи со 100% македонски предзнак која ќе се реализира во Скопје на 9 и 10 јануари од 10:00 до 21:00 часот.

За прв пат мебел, облека, накит, аксесоари и други производи од младите македонски брендови се продаваат по мошне поволни цени. Рамо до рамо со големите светски брендови кои сме навикнати да ги гледаме и конзумираме во трговските центри, македонските дизaјнери се пуштаат во нов економски подем и тоа на домашниот пазар. Младите дизајнери одобруваат голем колективен попуст на своите редовни цени со што се очекува да го привлечат вниманието на домашните купувачи, особено оние кои се свесни за значењето на македонските производи и оние купувачи кои се презаситени од светските комерцијални брендови. А и време е да почнеме да го цениме повеќе домашниот производ, бидејќи е за Наше општо добро.

„Ова е голем подвиг за целиот македонски дизајн сектор! За прв пат во една организирана структура истапуваме на домашниот пазар, доделуваме огромни попусти, сé со цел го доближиме македонскиот асортиман до македонските купувачи. За прв пат се одобрува голем колективен попуст на целиот асортиман. Ова е одличен модел на здружување и знак дека активните дизајн брендови можат истиот рецепт да го применат и на странските пазари“, – вели Тамара Георгиевска од компанијата „We and Nature“.

Концептуалната продавница во склоп на дизајн центарот Јавна соба од ноември 2015 ги застапува македонските дизајн брендови и ги промовира активно во земјата и надвор. Во склоп на Дизајн базарот се органзирани и работилници за деца, музички настапи како и многу изненадувања за публиката. Влезот е слободен, а целодневното уживање е загарантирано.