Уште едно реми на Македонија против Словенија

Машката репрезентација на Македонија одигра нерешено и во вториот тест-дуел на гостински терен кај Словенија. Во нова максимално изедначена, неизвесна и квалитетна средба, нашата репрезентација имаше и предност од 3 гола во завршницата, која сепак Словенците ја анулираа за нов нерешен исход.

На денешниот натпревар во Целје нашата репрезентација играше одличен почеток, а по 13 минути имаше и највисока предност од 3 гола (8-5). Следуваше брза серија на Словенците од 3-0 за анулирање на негативата, а по неколкуте реализации на двете страни во завршницата од полувремето, на пауза се замина со 13-12 за домаќинот.

На почетокот на второто полувреме, Словенија во 34-та минута стигна до највисока предност од 16-13, но Македонија веднаш врати со период од 10 минути кој го одликуваше одлична реализација во нападот и направи нов пресврт за водство од 19-18. На точно 8 минути до крајот од средбата нашиот состав успеа да поведе и со 23-20, но Словенија го искористи исклучувањето на Кузмановски, и брзо намали на 23-22. Во завршницата, Борко Ристовски одбрани седмерец за задржување на водството на Македонија, но Словенците беа прецизни од вториот пенал на минута до крај, со што ги поставија конечните 23-23.

Словенија – Македонија 23-23
Македонија: Митревски, Ристовски, Дупјачанец, Манасков 1, Стоилов 1, Кукоски, К.Лазаров 7, Митков 2, Јоноски, Талески, Миркуловски 1, В.Маркоски, Н.Маркоски 1, Мојсовски, Прибак 2, Георгиевски, Ф.Лазаров 2, Ојлески, Кузмановски 3, Пешевски, Костески 3

По двата одлични натпревари во Кршко и Целје, нашата репрезентација се враќа во Скопје, каде веднаш по божиќните празници продолжува со подготовките за ЕП во Полска.

Избраниците на Ивица Обрван ги очекуваат уште две пријателски средби против Црна Гора во Скопје, закажани 10 и 11 јануари. Првиот меч се игра во СРЦ Кале во недела од 20:15 часот. Влезот за натпреварот е слободен.