Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник раѓањето Христово – Божиќ.
„Ваше Блаженство,
Дозволете ми, до Вас лично, до сите верници од православна вероисповед, до членовите на Светиот архиjерејски синод и до целото свештенство и монаштво, да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Божиќ.
Големиот христијански празник кога го славиме раѓањето на Синот Божји, нека нè исполни со добра мисла, мир и единство. Радоста на овој празник нека биде поттик да бидеме солидарни и хумани. Во духот на нашата традиција, посакувам како што сме сплотени за време на празниците, така да бидеме заедно и во текот на целата година. Меѓу себе да бидеме човечни, да си помагаме и да се почитуваме.
Овие празнични денови да ги поминеме во кругот на семејството и ближните, исполнети со радост и веселба. На првиот ден на Божиќ да се помолиме за духовен мир и за сила за предизвиците во годината која ни претстои.
Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот христијански празник Ви посакувам добро здравје и духовен мир, а на сите граѓани кои го прославуваат празникот, сакам да им порачам да продолжиме да ја пренесуваме божиќната порака за вистината за верата според која живееме.
Христос се роди!“– стои во честитката.