Откриени царински измами и запленети девизи, возило со бункер, лекови, огномети, цигари и фалсификати

За време на новогодишните и божиќните празници, царинските службеници открија два случаи на царинска измама и повеќе обиди за криумчарење. Притоа, привремено се задржани девизи, возило со бункер за криумчарење, автоделови, лекови, средства за лична хигиена, масла од разни билки, чаеви, огномети, цигари, облека и фалсификати и др.

Измами

На царинските испостави Скопје 1 и Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење се откриени по еден обид за избегнување на плаќање на увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.

Во првиот случај, фирма-увозник од Скопје за увозно царинење на царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, пријавила 5 енкодери, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%, но при извршен документарен и физички преглед на стоката било утврдено дека пријавените енкодери треба да се распоредат во сосема друга тарифна ознака со пропишана стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%.

Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни давачки во износ од околу 937 илјади денари, а против увозникот ќе бидат превземени соодветните законски мерки.

Во вториот случај, на царинската испостава Скопје 1, фирма-увозник од Кавадарци пријавила за увозно царинење машински пили, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0%, но при извршен документарен и физички преглед на стоката било утврдено дека пријавените машински пили треба да се распоредат во сосема друга тарифна ознака со пропишана стапка за царински давачки од 5%.

Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни давачки во износ од над 57 илјади денари, а против увозникот ќе бидат превземени соодветните законски мерки.

Девизи

– 22.650 евра, откриени во два одвоени случаи на скопскиот аердром Александар Велики, при контрола на двајца патници пријавени за излез од државата.

Во првиот случај, при контрола на српски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Келн, Германија, биле пронајдени 22.950 евра. Во вториот случај, при контрола на турски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Истанбул, во внатрешниот дел од неговата јакна и во рачна ташна биле пронајдени 19.700 евра.

Согласно законските прописи, во двата случаи, на патниците им биле вратени по 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а 12.950 евра во првиот случај и 9.700 евра во вториот случај биле привремено задржани. Против двајцата патници се поведени прекршочни постапки.

Возило со бункер, делови за возила и регистарски таблички

– 1 патничко возило со шведски регистарски таблички во кое бил откриен специјално подготвен бункер наменет за криумчарење. Возилото, управувано од албански државјанин, се пријавило за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. При извршената контрола, во просторот под багажникот помеѓу левото задно тркало и браникот, бил откриен специјално конструиран бункер со електронска брава. Согласно законските прописи возилото е привремено задржано, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 343 делови за авто-електрика (диодни блокови за алтернатори, прекинувачи за стартување, исправувачи, четкички и лизгачи за четкички за алтенатори и прекинувачи за светла), откриени при контрола на патничко комбе со косовски таблички, управувано од косовски државјанин, пријавено за излез од државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи се пронајдени под предните седишта на возилото, како и во картонски кутии сместени зад задните седишта. Автоделовите се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 16 разни делови за товарни возила (заштитен механизам за резервоар, релеи и задни светла), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Непријавените делови се пронајдени на задното седиште, покриени со јакна, под возачкото седиште и во багажникот на возилото. Камионските делови се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

– 1 комплет белгиски регистарски таблички, две сообраќајни дозволи и зелен картон, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на белгиски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Табличките и сообраќајните дозволи, пронајдени во возилото припаѓале на патничко возило марка Опел Вектра, за кое возачот изјавил дека било неисправно и го продал во отпад. На тој начин, прекршителот го пуштил возилото во слободен промет без да го стави во пропишана царинска постапка и без да плати увозни давачки за истото. Табличките, сообраќајните дозволи и зелениот картон сепривремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

Лекови, чаеви за слабеење, средства за хигиена и козметика

– 147 пакувања разни лекови за човечка употреба (PREGNYL 1500 IU, IMURAN 50 MG, ZOFRAN 8 mg, PHYSIOTENS 0,4 mg, CITROTIDE 0,25 mg, CARDOPAN 160mg и др.), 2.500 ленти за проверка на шеќер во крвта ACCU-CHEK Active, и 10 комплети за средување нокти NIBULEN 80 mg, составени од 3 грама течност, 30 марамчиња со алкохол и 14 турпии, откриени при контрола на турски автобус што сообраќал на релација Истанбул-Приштина, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи, сопственост на возачот, се пронајдени во фабричка преграда под тоалетот на автобусот. Производите се привремено задржани, а против возачот е поднесена кривична пријава.

– 152 средства за лична хигиена (сапуни, пасти за заби и шампони), козметички производи (ленти за депилација, креми за раце и лице, креми за слабеење и парфеми), масла од разни растенија и чаеви за слабеење, откриени при контрола на македонски минибус, што сообраќал на релација Приштина-Скопје, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Производите, сопственост на македонски државјанин кој патувал со минибусот, се пронајдени во повеќе кеси сместени под неколку седишта, како и во пакет сместен во багажниот простор на возилото. Непријавената стока е привремено задржана, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Огномети

– 233 парчиња разни видови на огномети, откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на дански автобус што сообраќал на релација Копенхаген – Скопје, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, на граничниот премин Табановце автопат. Огнометите, пронајдени во делот наменет за багаж и алат, се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

Цигари

– 9 штеки цигари Rodeo и Rodeo Slims Blue со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Дојран. Цигарите, пронајдени во фабрички прегради под предните седишта на возилото се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Останато

– 12 ролни гумена лента за изолација, 4 бандажи со гуми и 46 парчиња силиконско лепило, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Швајцарија, наменета за фирма увозник од Тетово, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Тетово. Стоката, која увозникот не ја опфатил со царинската декларација е привремено задржана, а против увозникот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 16.000 картонски кутии за пакување на урми, откриени при контрола на стока со потекло од Ирак, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Гевгелија. Картонските кутии, што не биле опфатени со царинската декларација се привремено задржани, а против увозникот е поведена соодветна постапка.

Облека

– 59 парчиња облека (женски блузи и панталони и машки кошули и фармерки), откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Богородица се пријавиле пет македонски државјани. Непријавените производи, сопственост на патничка во возилото, се пронајдени во двете задни крила на автомобилот. Производите се привремено задржани, а против патничката е поведена соодветна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост

– 12 детски блузи со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Штип, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 2.

– 12 тоалетни води од 90 ml и 12 парфеми од 80 ml со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на турски автобус што сообраќал на релација Истанбул-Приштина, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир.

Во двата случаи, сомнителните производи се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи, Царинската управа започна постапки за утврдување на нивната оригиналност.