Испратени првите двајца питомци од Воената академија на школување во универзитетот „Норвич“ во САД

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, денеска во Министерството оствари средба со првите двајца питомци од Воената академија кои еден семестар ќе поминат на најстариот воен универзитет во САД, Универзитетот „Норвич“.

Министерот Јолевски посочи дека Министерството и Воената академија работат на унапредувањето на военото образование на идните старешини, а размената на студентите е еден дел од овој процес. „Главната цел е сите питомци да можат да помине еден семестар на универзитетите во земјите-членки на Алијансата, додека питомци од овие универзитети ќе бидат дел од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје“, рече министерот.

Двајцата питомци кои се селектирани од осуммина пријавени од 3-та година на Воената академија, ги исполнија сите пропишани услови и критериуми и имаат исклучително висок академски просек од 9,96 односно 9,80.

Дополнително тие го положија и тестот TOEFL за познавање на англискиот јазик со високи бодови.

Министерот Јолевски додаде дека соработката ќе биде проширена и во други области како науката, размената на професори, заеднички проекти и слично. „Веќе во средината на февруари во Охрид ќе се одржи напреден курс на кој предавачи ќе бидат претставници од САД, Велика Британија, од НАТО и други земји-членки со што ќе се даде импулс на соработката во областа на науката“, додаде министерот Јолевски.

Питомците кои денеска беа примени од министерот Јолевски, потенцираа дека за нив претставува исклучителна можност да се посети Универзитетот Норвич, да се продлабочи соработката и да се афирмира Воената академија како институција. Тие посочија дека ова е начин да се здобијат со нови и да ги продлабочат постоечките знаења, што ќе им помогне во нивната кариера како офицери во Армијата на Република Македонија.

Соработката помеѓу Воената академија и Универзитетот „Норвич“ е дел од соработката на Армијата на Република Македонија со Националната гарда на Вермонт, која како што посочи министерот, е една од најактивните соработки на националните гарди во САД со земји партнери.

DSC_1810