Иванов ги посети македонските ракометари пред ЕП во Полска

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во салата „Јане Сандански”, ја посети Македонската машка ракометна репрезентација која ќе настапи на Европското првенство во ракомет, што од 15 до 31 јануари 2016 ќе се одржи во Полска.

Претседателот Иванов на македонските репрезентативци им посака многу успех и спортска среќа, како и достојно претставување на нашата држава за време ракометното првенство. Тој им порача дека цела Македонија како и секогаш, сплотено ќе навива и со нетрпение ќе ги очекува натпреварите на нашата репрезентација.

Во знак на континуирана поддршка, македонскиот претседател им подари државно знаме, а репрезентативците му возвратија со дрес на ракометната репрезентација. Тие се заблагодарија за присуството на претседателот Иванов, и ветија добра игра како и храбро и достојно бранење на боите на националниот дрес.

Македонската репрезентација денеска го одржа последен тренинг пред нивното утрешно заминување во Краков, Полска, каде што од петок ги почнуваат натпреварите од групната фаза на Европското првенство во ракомет.

prm_rakometari_1