Германската GES ќе инвестира во Македонија, 200 нови работни места

Двесте нови работни места ќе бидат отворени со инвестицијата на германската компанија German Electro-Mechatronic Systems (GES) која денеска во Владата го потпиша договорот за реализација.

Компанијата ќе инвестира 15 милиони евра во изградба на производствен погон и административна зграда кои ќе се протегаат на површина од 15.000 метри квадратни во ТИРЗ Бунарџик. Ќе се произведуваат соларни панели и лед-светилки со врвна германска технологија која компанијата сега ја применува во нивниот производствен погон во Југоисточна Кина.

Планирано е изградбата на фабриката да започне кон крајот на февруари или најдоцна на почетокот на март и да биде готова за шест до осум месеци, а производството треба да започне при крајот на годинава.

Договорот го потпишаа министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлевски и Ахмед Алшаер од германската компанија во присуство на премиерот Никола Груевски и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.

Според министерот Павлевски, новата инвестиција е значајна бидејќи со неа ќе се намали невработеноста, ќе се зголеми извозот, а ќе се воведе и врвна германска технологија во производството на лед сијалици.

„Примарен пазар на компанијата ќе биде Блискиот Исток, а по една година и Европа и ќе најде примена во повеќе индустрии кои може да имаат придобивки од економично и еколошко осветлување. Со цел да се биде поблиску до овие пазари компанијата разгледуваше повеќе земји во регионот, но се одлучи производствената технологија од југоисточна Кина да ја префрли во Македонија пред се поради поволните бизнис услови, квалитетна работна сила и одличната инфраструктура“ нагласи Павлески.

Претставникот од компанијата рече дека нивната намера е да ја направат Македонија лидер во поглед на одржливата енергија.

„Го имаме и еден од најдобрите центри за истражување и развој којшто сакаме да го пренесеме и во Македонија и да ја направиме центар во поглед на одржливата енергија“, рече Алшаер, изразувајќи балгодарност до Владата и до целиот тим којшто бил вклучен во преговорите.

Претходно, инвестицијата ја најави премиерот Никола Груевски на својот Фејсбук профил.

„Како и што најавив на 24-ти декември минатата година во медиумите, денеска се остварува ветувањето, се реализира инвестиција на компанијата German Electro-Mechatronic Systems за производство на LED светилки што ќе значи 200 вработувања. Со вчерашната инвестиција на компанијата BRG и рестартирањето на „Порцеланка“ за два дена тоа е објава и почеток на реализација на две нови инвестиции што ќе значат 1200 вработувања, луѓе кои ќе земаат плата, со сигурна иднина и јасна перспектива за своите семејства. Нашата визија се остварува, нашиот план за нови вработувања и за подобар животен стандард, како и поддршка и развој економијата станува реалност. Ние така и ќе продолжиме да се грижиме за граѓаните и да работиме за нештата кои се важни за напредокот на Република Македонија!,“ напиша премиерот Груевски на Фејсбук профилот.

gruevski_1301_g111