Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, соопшти дека денеска му била доставена оставката од премиерот Никола Груевски и дека тој ќе постапи во согласност со уставните, законските и со деловничките права и обврски.
„Истовремено, имајќи ги предвид преземените политички обврски на лидерите на најголемите политички партии во Република Македонија во согласност со договорот од 2 јуни 2015 година и со протоколот од 15 јули 2015 година, како претседател на Собранието на Република Македонија ќе го следам исходот од денешните разговори со посредство на меѓународната заедница. Искажувам надеж дека политичките лидери на Република Македонија ќе успеат да ги надминат меѓусебните предизвици, а во функција на понатамошен демократски развој на Република Македонија. Верувам дека во периодот што следува ќе биде направен уште еден исчекор во исполнувањето на обврските од постигнатиот договор, а во функција на понатамошно стабилизирање на државата“, се вели во соопштението од Вељаноски.
Според Уставот, кога оставката на Груевски ќе стане правосилна, претседателот на државата, Ѓорге Иванов, треба мандатот за формирање влада да ѝ го даде на партијата што има добиено најмногу пратеници на последните парламентарни избори, односно на ВМРО-ДПМНЕ.
Потоа кандидатот на оваа партија, Емил Димитриев, кој синоќа беше избран на извршниот комитет за премиер, треба да биде изгласан во Собранието на Република Македонија со просто мнозинство.
Извор: meta.mk