Чичаковски: Темелна проверка на избирачкиот список не е можна до 24 април

Избори на 24- април технички може да се спроведат, но не и темелна проверка на избирачкиот список. Ова го пишува во изјавата која претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски им ја подели на политичките партии кои во Клубот на пратеници разговараат за изборниот процес.

„На прашањето дали избори на 24 април може да се спроведат, мојот одговор е дека технички изборите може да се спроведат, меѓутоа проверка и пречистување на Избирачкиот список не може да спроведе што значи дека не може да се обезбеди ниту Избирачки список во кој сите ќе имаат доверба“, изјави Чичаковски.

Во изјавата пишува и дека не може да се прецизираат рокови околу прочистувањето на Избирачкиот список и дека за да се има доверба во ИС на ДИК и се потребни најмалку три до четири месеци.

Во документот кој Чичаковски им го предаде на работните групи пишува ДИК има големи предизвици, и дека Комисијата се уште нема соодветна екипираност, а тие проблеми „го загрозуваат спроведувањето на активностите во услови на скратени рокови, не само во поглед на политичката криза туку и во поглед на предвремените парламентарни избори.

Белгискиот олеснувач Питер Ванхауте смета дека за кредибилни избори е потребно време.

„Очигледно е дека не треба да се држиме до роковите. Она што е потребно е да се обезбедат прво сите услови за пречистување на Избирачкиот список за да има кредибилни избори“, изјави олеснувачот.

Тој рече дека денешната средба е завршена и дека односите меѓу преговарачите се тензични.

Извор: meta.mk