Хан: Претпочитам консензуално решение од сите партии за датумот на избори

Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, во соопштение до јавноста, вели дека претпочита консензуално решение за датумот на изборите од сите политички партии.

„Ја забележав одлуката донесена денеска да се спроведат предвремени парламентарни избори на 24 април, како што е предвидено во Договорот од Пржино. Но, како што наведов претходно, јас претпочитам консензуално решение од сите партии. Сега е критично важно сите политички и институционални фактори во земјата да се погрижат да обезбедат фер избори, во согласност со демократските стандарди. За да се постигне ова, мора да се интензивира итна подготвителна работа, особено во однос на избирачкиот список.

И покрај неуспехот да се најде заеднички договор за датумот на изборите, јас очекувам од сите политички партии да соработуваат на конструктивен начин и да се држат до сите свои обврски според политичкиот договор од јуни, односно јули, вклучувајќи ги и итните реформски приоритети“, вели Хан во соопштението.

Извор: meta.mk