Охрид по четврти пат е домаќин на меѓународна конференција за културно наследство, економски развој, туризам и медиуми „ Охрид- Водици 2016“ што започна денес. Главна тема на конференцијата е „ Тероризмот, миграција, бегалци – современи предизвици за културните идентитети, наследство, економијата, туризмот и медиумите”а на свеченото отворање пред присутните во куќата на Уранија се обрати заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.
„Охрид низ целата своја историја бил средиште каде се преплетувале, цивилизациите и културите, при што секоја од нив оставила неизбришлив печат на своето време. Воден како од некоја невидлива рака, со поединечни историски проблесоци, нашиот народ успеал да сочува бројни артефакти за сите напластени слоеви, да го изгради својот идентитет како непрекинат континиум од сите цивилизациски достигнувања. Затоа Охрид денес со право го носи епитетот на уникатен и по многу нешта единствен град, со космополитски дух, во кој секој добронамерник се чувствува како во својот дом. Во вашите научни трудови на 4-та конференција со кои обработувате сериозни теми на нашето современие, верувам дека ќе може да се најде место и за нашиот Охрид, како модел каде економскиот развој, туризмот и посебно културниот идентитет функционираат и се развиваат како единствена, хармонична и универзална целина“, истакна Јанев.
Во рамки на конференцијата која завршува на 19 јануари- вторник, предвидени се 62 реферати од 14 земји. За прв пат годинава на неа учествуваат претставници од 4 континенти Европа, Америка, Африка и Азија.