ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја прифатија методологијата на ДИК

ВМРО-ДПМНЕ ги повлекува сите амандмани и забелешки на методологијата за прочистување на избирачкиот список и ја прифаќа во целост онака како што Државната изборна комисија ја подготвила, соопштија од владејачката партија.

„ДИК има законска надлежност, капацитет и целосна поддршка од државните институции да го прочисти Избирачкиот список и да ги преземе сите неопходни активности за спроведување фер и демократски избори. ВМРО-ДПМНЕ ја охрабрува ДИК да работи во согласност со законот и да вложи максимални напори за исолнување на обврските за кои има доволно време, и сите институции да ги исполнат обврските за слободни, фер и демократски избори и за градење демократска атмосфера“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Методологијата ја прифати и ДУИ. Од партијата информираат дека овој чекор го презеле за да се надминат сите можни пречки за изборниот процес и ги повикуваат сите страни да го дадат својот придонес за да се заклучи овој важен процес за земјата.

Извор: meta.mk