Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и амбасадорката на Р. Германија во Р. Македонија, Кристине Д. Алтхаузер, денес официјално го ставија во употреба реконструираното и проширено детско игралиште кај каналот „Студенчишта“. Станува збор за проект што општината го реализираше со поддршка на германската амбасада за што доби гранд во износ од околу 8.000 евра.
„Со овие средства се набавија реквизитите и играчките додека општина Охрид учествуваше во делот на целосно уредување на подлогата за конечно игралиштето да го добие овој изглед којшто го има денес“. – рече градоначалникот Никола Бакрачески посочувајќи дека тоа е само дел од напорите на општината да се разубави животот на најмладата генерација.
„Токму затоа што децата ги истражуваат своите имагинации кои се особено важни за нивниот развој во здрава и креативна личност ние стануваме се поиновативни и настојуваме секое игралиште да го дооплемениме и збогатиме со нови содржини како и да отвораме нови игралишта. Тоа го правиме во континуитет. Претходно беа отворени неколку игралишта во Охрид ова е едно во низата. Тука нема да застанеме нашата програма за сестран детски развој и уредување на ваквите катчиња продолжува во иднина. Остануваме посветени на нашата заложба за изградба на неколку десеттини игралишта и за деца и за возрасни“. – додаде градоначалникот Бакрачески.
Амбасадорката на Р. Германија во Р. Македонија Кристине Д. Алтхаузер се заблагодари на Општината и Градоначалникот за успешната реализација на проектот.
„Ние од германската амбасада посебно се радуваме што одлучивме да го реализираме токму овој проект. Ова не е прв проект којшто сме го реализирале преку малите проекти на амбасадата. Можам да кажам дека со Охрид сме имале секогаш добра соработка и ние како амбасада учествуваме секогаш во изборот на проектите. Имаме повеќе критериуми. Еден од нив е одржливост, треба да биде бенефит за младата генерација, за луѓето коишто живеат тука и можам да кажам дека проектот во Охрид ги исполни сите критериуми кои ние како амбасада ги задаваме“. – изјави амбасадорката Алтхаузер.
Игралиштето кај каналот „Студенчишта“ е изградено во 2005 година со донација на ТЕЛЕКОМ и ова е негова прва реконструкција од тогаш, а за неговата безбедност и одржување ќе се грижи ЈП „Билјанини Извори“.
Со поддршка на германската амбасада општина Охрид ги реконструира и каптажите во село Куратица. Изминатиов период општина Охрид во континуитет со свои проекти аплицира и добива финансиска поддршка од амбасади во државава.