Дигитализирани над 340 илјади примероци на документација за културното наследство

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство, кој е сместен во Музејот на современа уметност, а функционира како одделение во рамки на Управата за заштита на културното наследство.

„Дигитализацијата е многу важен и значаен процес за Република Македонија, следејќи ги сите нови технолошки процеси. Со отворањето на овој Регионален центар за дигитализација на културното наследство, со поддршка на УНЕСКО, од 2008 година досега се дигитализирани над 340 илјади документи од нашето вредно културно наследство на неколку национални установи“, истакна Канческа-Милевска.

Најголем број од дигитализираниот материјал е од матичната установа за заштита на културното наследство, Националниот конзерваторски центар-Скопје. Дигитализирани се повеќе од 270.000 примероци на техничка, дескриптивна и фотодокументација на НКЦ, повеќе од 30.000 примероци од фондовите на Конзерваторскиот центар – Скопје, како и 37.000 примероци од документацијата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Бројот што се планира на годишно ниво, како што рече, согласно Стратегијата која е донесена за дигитализација на културното наследство во 2010 година, е околу 70 илјади материјали кои се дигитализираат и таа динамика се следи од овој Регионален центар за дигитализација на културното наследство.

Паралелно со дигитализирањето на документацијата за културното наследство на овие национални установи, активно се работи и на пополнување на националниот информативен систем на културното наследство – niskn.gov.mk, каде се внесени податоци, односно дигитализирани се материјали за 41 споменик на културата од Република Македонија. Сите овие активности ги реализира стручниот тим на Центарот за дигитализација, каде има пет редовно вработени различни профили на кадри.

„Овие содржини ќе бидат можност за интензивирање на соработката со земјите од регионот и пошироко со кои можеме да партиципираме во програмите кои се во рамки на УНЕСКО и на Европската унија. Министерството за култура како досега, така и во иднина ќе продолжи со поддршка на активностите на Центарот за дигитализација, но, и на сите останати проекти кои се во функција на заштита и промоција на нашето богато културно наследство“, рече Канческа-Милевска.

Таа информира дека НУБ „Св. Климент Охридски“ во рами на дигитализацијата на библиотечниот материјал исто така е задолжена на годишно ниво да дигитализира 10 илјади примероци, и тоа ретки книги, ретки матертијали, карти…

Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ Адамс истакна дека во иднина поинтезивно ќе соработуваат со регионалните заводи за заштита на културно наследство. Тенденцијата, како што рече, е да се соберат сите документи, цела документација за културно наследство во Република Македонија, и заштитените добра и оние што сега се истражуваат и документираат.

„Во рамки на дигитализацијата, Управата за заштита на културно наследство почна со еден многу значаен проект – Археолошкиот катастар на Република Македонија, кој би требало до крајот на годината да проработи. Тука врз ГИС технологија, врз географските информациски системи ќе ги внесеме сите археолопшки локалитети во Македонија. Ќе го внесуваме и целото останато културно наследство, манастири, цркви, џамиии“, рече Лилчиќ-Адамс.