ВМРО-НП: Владата да ги повлече предлог проектите и да ја запре постапката за измени на планот за управување со НП Галичица

ОК на ВМРО – Народна партија Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Почитувани Охриѓани и граѓани на Република Македонија,

ВМРО – Народна партија, како единствена демо-христијанска партија со цврста десничарска ориентација во своите идеолошки определби, будно го следи процесот на јавната расправа по предлог измените на планот за управување со Националниот парк Галичица и во оваа прилика сакаме јавно да го истакнеме нашиот став по основ на истото.

Следејќи го целиот процес уште од самиот почеток, односно афирмацијата на Субрата Рој од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, преку сомнителната и експресна судска постапка за експропријација на земјиштето во сопственост на МПЦ – Манастир Св. Наум па се до промоцијата на проектите за експресен пат и ски центар, за кои очигледно скоро две години се креира, доработува и преработува Стратегиската оцена за влијание врз животната средина, која на крајот по секоја цена треба да даде зелено светло за изградба на истите, сметаме дека:

Ова е уште еден обид на моќниците од ВМРО-ДПМНЕ, на неуставен и против правен начин да се стекнат со имот кој е во сопственост на РМ, на граѓаните или на МПЦ и тоа имот кој е дел од најатрактивните крајбрежни зони на Охридското езеро и Националниот парк Галичица. Со вака најавените градежни проекти се заканува целосна девастација на просторот, неповратно уништување на вредностите во паркот, нарушување на целокупниот еко систем на планината и езерото и ставање под знак прашање на заштитата од УНЕСКО, а сето тоа само за задоволување на потребите од неколкумина моќници во ВМРО-ДПМНЕ, кои очигледно веќе се изгубени во нивните апетити поради моќта која им ја овозможи оваа власт.

Загрижени од сериозноста на проблемот и евидентното игнорирање на истиот од страна на останатите политички партии, сакаме да ја изразиме нашата целосна поддршка до големиот број на граѓански организации и поединци, кои изминатите денови цврсто се спротивставуваат на предложените проекти и да ги повикаме останатите политички партии јавно да го искажат нивниот став по ова прашање, бидејќи во спротивно, од нивното молчење се добива впечаток дека сите ги одобруваат ваквите проекти водени од исти или слични апетити.

ВМРО – Народна партија, во духот на демохристијанските вредности, се заложува за целосно почитување на правото на сопственост врз имотите на граѓаните и МПЦ, безусловно зачувување на природните и културните вредности на Република Македонија и создавање на услови за одржлив развој во заштитените подрачја, со цел заштита на природата, но и економска благосостојба на граѓаните од овие подрачја преку контролирани форми на туристичка, стопанска и земјоделска активност.

Очекуваме и апелираме, Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЕДНАШ да ги повлече предлог проектите и да ја запре веќе започнатата постапка за Измени на планот за управување со Националниот парк Галичица.“ – стои во соопштението од ОК на ВМРО – Народна партија Охрид.