Света Нина, просветителка на Грузија
Роднина на Светиот великомаченик Георгиј и на ерусалимскиот патријарх Јувенал. Бидејќи мајка ѝ и татко ѝ, кападокиски благородници, се замонашија, беше воспитана под надзор на патријархот Јувенал. Уште од малечка кога слушна за грузискиот народ, Света Нина сакаше да отиде во Грузија и да ги покрсти Грузијците. Ѝ се јави Пресвета Богородица и ѝ вети дека ќе ја одведе во таа земја. Кога Господ ѝ го отвори патот, младата Нина навистина отиде во Грузија, каде што за кусо време стекна голема љубов кај народот. Успеа да го покрсти грузискиот цар Миријан, неговата сопруга Нана и нивниот син Бекар, коишто потоа ревносно ја помагаа нејзината мисионерска работа. Во текот на животот Света Нина успеа да ја изврви цела Грузија и да го преведе главно сиот народ во верата Христова, и тоа токму во времето на страшното гонење на христијаните од страна на Диоклецијан. Отпочина од своите многубројни трудови и се упокои во Господ во 335 година. Нејзиниот гроб се наоѓа во Самтаврскиот храм. Изврши многу чуда за време на животот и после смртта.