Директорот на британската компанија „Алокејт Софтвер” Иан Бишоп ги презентираше идните планови за проширување на работењето преку отворање втора канцеларија во Скопје и вработување нови ИТ кадри, за време на денешната средба со министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.
Како што соопшти Министерството, за време на средбата Иан Бишоп потенцира дека во нашата земја има многу талентирани и квалитетни кадри од областа на информатичката технологија кои сакаат да работат и напредуваат.
Министерката Арсовска Томовска од своја страна го поздрави присуството на оваа компанија во Македонија која на младите кадри им овозможува да стекнат нови знаења и искуства, а со тоа и да станат поконкурентни на пазарот.
Таа во исто време ја истакна заложбата на Министерството и Владата во насока на создавање квалитетен ИТ кадар и воспоставување стандарди и вредности кои ќе бидат препознаени во светот.
Компанијата „Алокејт Софтвер“ со седиште во Лондон има свои канцеларии во Австралија и Шведска и е водечки давател на услуги за специјалистички софтвер за оптимизација на работна сила, а се занимава и со софтверски решенија од областа на здравството. Таа со работа во Македонија започна во март минатата година. Нивната нова канцеларија се очекува да биде отворена во ммарт оваа година.