Охридски судија „заработи“ кривична пријава поради примање поткуп

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело “примање поткуп“ СВР Охрид поднесе кривична пријава против Р.С.(56) од Охрид.

На 25-ти овој месец, пријавениот во својство на службено лице вработен како судија во Основен Суд Охрид, во судски граѓански предмет, од вработен во Трговско друштво за сообраќај, трговија и услуги увоз – извоз од Охрид, директно побарал и примил поткуп од 5.000,оо денари. Тоа го направил со цел во рамките на своето службено овластување за истиот граѓански предмет да донесе пресуда во корист на туженото Трговско друштво.

Во текот на декември минатата година во Охрид, пријавениот се сретнал со претставник на туженото Трговско друштво и притоа директно од него побарал поткуп во паричен износ од 15.000 денари, доколку сака истиот како судија овој предмет да го реши во корист на неговата фирма. Притоа, вработе- ниот во фирмата му кажал дека сумата била превисока и не можел да му ја даде како поткуп. Во текот на јануари годинава, пријавениот повторно го побарал претставникот на фирмата и го повикал во неговата канцеларија. Тука го известил дека претходната барана сума како поткуп од 15.000,00 денари сега ја намалил на износ од 5.000,00 денари.

Бараните пари, пријавениот ги примил на 25-ти овој месец напладне во просториите на Трговско друштво за сообраќај, трговија и услуги увоз – извоз Охрид. Истиот ден, по наредба од судијата на претходна постапка при Основниот суд Охрид во простории на фирмата а во присуство на адвокат, беше извршен претрес на пријавениот при што во негов лев преден џеб од пантолони беа пронајдени пет банкноти од по илјада денари со обележани сериски броеви и криминалистичко-технички претходно обработени кои ги примил како поткуп. За претресот извршен е записник а парите и неговиот мобилен телефон со потврда се одземени.