Денес во ЕУ Инфо-центарот во Скопје се одржа промотивен настан за одбележување на стартот на проектот за „Зајакнување на спроведувањето на правата од интелектуална сопственост“, кој ќе се реализира во текот на следните 19 месеци од страна на данската канцеларија за патенти и трговски марки, во соработка со Царинската управа и Државниот завод за индустриска сопственост.
Проектот е финансиран од Европската Унија со буџет од скоро 1,4 милиони евра.
Целта на овој ЕУ твининг проект е да се обезбеди натамошно усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ, зајакнување на капацитетите и подигање на јавната свест за заштитата на правата од интелектуална сопственост.
Твининг проектот се спроведува од страна на Данската канцеларија за патенти и трговски марки, во соработка со Државниот завод за индустриска сопственост и Царинската управа. Успешен исход на твининг проектот може да се постигне само со соодветна поддршка и вклучување на надлежните институции за спроведување на законот, како што е Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат, Академијата за судии и јавни обвинители и Министерството за култура.
На настанот, свое обраќање имаа г. Аиво Орав, Шеф на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Бекир Незири, министер за економија, Сафет Емрули – директор Државниот завод за индустриска сопственост, Келд Ниман Јенсен – претставник на данската канцеларија за патенти и трговски марки.
Во своето обраќање, директорката на Царинската управа, Наташа Радеска Крстевска истакна дека Царинската управа постојано работи на унапредување на системот на царинските мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост. Во таа насока, минатата година, Царинската управа подготви нов Закон за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост кој е во сила од јуни 2015, изработен врз основа на регулативата на ЕУ бр. 608/2013, а донесени се и подзаконските акти како и интерните упатства неопходни за неговата имплементација.
Како резултат на сите активности на Царинската управа, минатата година во 163 акции привремено се задржани приближно 1,3 милиони парчиња и 700 кг. различни видови на стока под сомнение дека повредуваат права од интелектуална сопственост, а бројот на заштитени трговски марки во 2015 година е скоро двојно зголемен (345 во 2014, споредбено со 624 во 2015 г.).
На крај, директорката на Царинкста управа заклучи дека овој твининг проект е можност за натамошно подобрување на системот на царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост.