Мигрантската и бегалската криза во Европа, како и состојбите на Блискиот Исток и Северна Африка, се прашања и предизвици со кои ќе бидеме окупирани и во следните години и децении, изјави претседателот Иванов, кој вчера учествуваше на 7.Состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави” и Италијанското друштво за меѓународни организации – Иницијатива за Глобален дијалог во мултиполарен свет, што се одржа во Сенатот на Италијанската Република.
Македонскиот претседател рече дека на состанокот присуствувале голем број еминентни гости, кои дебатирале за сите причини и последици од актуелните состојба во овие региони.
„Во присуство на актуелни и поранешни претседатели, министри и луѓе кои се преокупирани со овие прашања, се разговараше за сите можни и идни предизвици, затоа што со ова ќе бидеме преокупирани и во следните години и децении. Досега имавме сосема различни сфаќања и различни видувања и ова е на некој начин дел од тоа што го прави Алијансата на цивилизациите, а тоа е да се поттикне дијалог и да се разговара за сите можни аспекти за заканите кои постојат, и за сето она што сме преокупирани како човечка цивилизација“, изјави претседателот Иванов.
Тој порача дека бегалци нема само во Европа, туку големи поместувања на население и преселби на народи има речиси на сите простори.
Но, тоа создава сосем поинакви состојби, истакна македонскиот претседател, за кои досега немало начин како да се справат сите земји кон кои одат мигрантите, и на кој начин да им излезат во пресрет на тие што добронамерно дошле поради состојбите во своите земји.
За време на работната посета на Италијанската Република и учествотото на 7.Состанок на високо ниво, на претседателот Иванов му беше врачено посебно признание од страна на Меѓународниот центар „Низами Ганџави” за неговата поддршка на иницијативите на центарот, како и за неговиот придонес во областа на меѓурелигискиот дијалог.