ЦИВИЛ – Центар за слобода организира Средба со граѓанките и граѓаните на тема СИТЕ ЗА СЛОБОДНИ ИЗБОРИ во Охрид. Настанот ќе се одржи утре во големата сала на Општина Охрид, со почеток во 12:00 часот.
„На настанот се поканети претставниците на локалната самоуправа, политичките партии, организациите на граѓанското општество, медиумите, членовите и поддржувачите на ЦИВИЛ и заинтересираните граѓанки и граѓани на Охрид.“- вели Биљана Еверетте, дел од тимот на ЦИВИЛ.
Говорници на средбата ќе бидат претставници на локалната самоуправа и на ЦИВИЛ, а за дискусија можат да се пријават сите учесници.
„Програмата на средбата вклучува проекција на видео содржини од продукцијата на ЦИВИЛ Медиа кои досега не биле објавени на националните електронски медиуми. Воедно, присутните ќе можат да се вклучат во фото-петицијата на ЦИВИЛ и да учествуваат со свои сугестии за понатамошните заеднички акции на ЦИВИЛ со граѓанките и граѓаните во правец на создавање услови за слободни избори во Република Македонија.“-додава Еверетте.
Средбата со граѓанките и граѓаните СИТЕ ЗА СЛОБОДНИ ИЗБОРИ е дел од проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ во имплементација на Цивил – Центар за слобода. Проектот е финансиран од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.