Финансиска помош за подмирување на долгот за електрична енергија во ОУ „Григор Прличев“

Актуелното локално раководство е континуирано посветено на решавање на проблемот со неисплатена електрична енергија на ОУ „Григор Прличев“ кон ЕВН Македонија во насока на одвивање на непречена настава за учениците во оваа образовна институција. Станува збор за проблем кој што е резултат на немарниот однос на претходните локални власти кон долгогодишниот нерешен имотно- правен однос на институцијата што довело до блокирање на сметката по судската извршна постапка.

„Градскиот Совет на денешната седница донесе одлука ,односно одобрување за исплата на долгот којшто ОУ „Григор Прличев“ го има кон ЕВН Македонија во однос на потрошена електрична енергија. Континуирано сме посветени на решавање на овој проблем. Адвокатските тимови на општина Охрид и на лицата коишто ја имаат блокирано сметката на училиштето се во перманентна меѓусебна комуникација обидувајќи се да ги договорат условите пред се на луѓето кои што ја блокирале сметката на училиштето со цел да се овозможи трајно решавање на овој горлив проблем со кој се соочивме од почетокот на мандатот. Станува збор за проблем настанат во минатото за којшто во текот на изминатите години се донела и правосилна судска одлука која резултирала и со блокирање на сметката од училиштето. Од тие причини ние како основач, како општина Охрид имаме обврска да обезбедиме редовно одвивање на наставата во рамки на ова основно училиште . Од тие причини денес ја донесовме ова одлука по што ќе следи исплата на средствата кон ЕВН Македонија“, изјави непосредно по завршувањето на 50-та седница на Совет, секретарот на општината, Димитар Спасески.

На денешната седница, советниците дадоа зелено светло и на одлуката ЈП „Билјанини извори“ да стопанисува со детското игралиште кај каналот Студенчишта а се донесе и Деталниот Урбанистички план за УЗ 2 блок 2.3 опфат 2 за којшто постапката започнала во далечната 2010 година.

„На наше големо задоволство и на задоволство на граѓаните во изминатава година, година и пол се динамизираа активностите околу носење на овој план што резултираше со согласност од страна на Министерството за транспорт и врски при крајот на минатата година и денес советот на Охрид ја донесе одлуката за носење на овој Детален Урбанистички План“- подвлече Спасески.

На денешната седница беа разгледани и бројни предмети од областа на легализацијата.