Кривична пријава за турски државјанин поради фалсификување исправа

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Фалсификување исправа“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Џ.О.(44) од Истанбул Република Турција. Судија на претходна постапка од Основниот суд во Охрид, му определи мерка притвор во траење од осум дена.

СВР Охрид, имајќи сознанија за нелегално присуство на турски државјанин кој поседува турски и најверојатно фалсификувани бугарски документи со различен идентитет, на 27-ми минатиот месец изврши претрес во домот на пријавениот лоциран на улицата „Даме Груев“ во Охрид.

Притоа, пронајдена е, и одземена една бугарска патна исправа на име С.Е.(48) што ја користел пријавениот. Тој, во 2015 година на лица од Турција им дал негова фотографија и им платил 15000 евра да му изготват бугарски пасош со важност до 2017 година. Пријавениот, во месец ноември 2015 година, бугарскиот пасош го употребил во Република Турција а потоа го внел во Република Македонија со намера да го искористи како вистински.

На 26-ти минатиот месец во Охрид, пријавениот управувајќи патничко моторно возило марка „Пежо“ со охридски регистарски таблици предизвикал сообраќајна незгода по што се обидел да избега од местото на настанот.