Со музички ноти во еден несекојдневен амбиент, охриѓанецот Петар Маркоски ги кани гостите и своите сограѓани на едно заедничко прославување на празникот на виното и љубовта. Проектот насловен како „Не кажувај либе добра ноќ” кој ќе се реализира на 14ти февруари има за цел да ја долови прекрасната мелодичност и музичките текстови на песните од минатите генерации кои се иднетификуваат со свој генерациски код и своја харизма.
„Сублимирајќи и трансформирајќи ја нивната моќ од минатото во сегашниот модерен начин на брзо темпо на живот , многу луѓе ќе ја откријат својата подзаскриена и подзаборавена љубов , на нивната немирна душа ќе доживеат емоционална средба со прекрасната убавина на нивната незаборавна младост”, вели Маркоски.
Проектот е замислен да претставува патување низ минатото на град Охрид, патување кое на слушателите ќе ги однесе во далечното минато на убавиот град и неговата магија.
„Ова сценско патување е замислено да биде во моја главна интерпретација каде вокално и инструментално на виолина ќе ги изведувам старите македонски песни кои се оставени од нашите предци и се пренесувале од колено на колено за и ден денес да се негува тоа богатство, во придружба на професионални музичари, заедно со Даниел Јовески во придружба на пијано”, истакнува Маркоски, додавајќи дека тоа ќе бидат најубавите одбрани македонски песни преку кои се искажувала непреболената љубов, маката на македонскиот народ, борбата и непокорливоста.
Помеѓу другото своја специфика на настанот дополнително ќе даде и уникатната декорација, која ќе биде со специфични елементи.
„Сцената ќе биде мал Охрид, симболика на она што секојдневно го гледаме и во она што сме заљубени и ни ја исполнува душата. Музиката од една страна ја свири македонската песна а млади и стари парови минуваат на сцената, односно по охридските улици седнуваат на клупите под врбата, уживаат во погледот, облечени во облека од минатото. Мажите во елегантните убави стари костуми, а дамите во своевременските охридски фустани”, истакнува Маркоски.
Настанот ќе се реализира во Центарот за култура „Григор Прличев“, Охрид со почеток во 20 часот.