Пленарна седница на Европарламентот

Европскиот парламент од 1 до 4 февруари одржува пленарна седница во Стразбур, во чиј фокус ќе биде дебатата за бегалската криза, граничните проверки и иднината на Шенген.

Европарламентот ќе дебатира и за реформските напори на Србија и Косово во 2015 година, заедно со комесарот за проширување, Јоханес Хан.

По неодамнешните напади врз жените во Келн, Германија и на други места во ЕУ, европратениците ќе расправаат за прашањето на сексуално малтретирање и насилство врз жените на јавните места, со цел нулта толеранција за ваквото насилство.

На седницата ќе стане збор и за корпоративниот данок, за зголемување на ограничувањата за издувните гасови на дизел автомобилите, а европратениците ќе остварат и дебати за годишниот извештај на Европската централна банка за 2014 година, како и за финансирањето на предложениот објект за поддршка на сириските бегалци во Турција.

Во пресрет на Самитот на Европскиот совет кој е закажан за 18 и 19 февруари, ќе се одржи и дебата во врска со референдумот на Велика Британија за ЕУ.