Уапсени двајца бугарски државјани за фалсификување платежни картички

Секторот за Компјутерски Криминал и Дигитална Форензика до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против Г.Т.А.(46) од Софија, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“, „изработка и употреба на лажна платежна картичка“ и „соизвршителство“ и против М.Д.Д.(37) од Благоевград за сторено кривично дело „помагање“ во врска со претходните кривични дела.

Имено пријавените набавиле средства за прибавување на банкарски податоци за изработување на лажни платежни картички (скимери) и неовластено монтирале 20 скимер уреди на банкомати од повеќе домашни банки, во повеќе градови во Р.Македонија (Радовиш, Прилеп, Битола, Гостивар, Неготино и Кичево ), во текот на месеците Март, Април, Мај, Август 2014 и Јануари 2015 година со намера да прибават податоци од вистински платежни картички и податоци за носителите на истите. Со нелегално обезбедените податоци од платежни картички, кои се во сопственост на државјани на Р.Македонија, изготвиле фалсификувани платежни картички, кои подоцна ги продале на засега непознати лица за одреден паричен надомест. Со фалсификувани картички од банкомати во Р.Македонија (Струмица) како и во странство (Америка, Индонезија, Тајланд, Перу и други земји), се подигнати парични средства во вкупен износ од 3.880.839 денари.

Од видео материјалот доставен од страна на банките регистрирани се двајцата пријавени како ги поставуваат скимер уредите и уредот за снимање на видео запис на ПИН кодовите од платежните картички, на повеќе банкомати низ Република Македонија.