Усвоена Националната стратегија за млади 2016-2025

Владата на Република Македонија ја усвои Националната стратегија за млади 2016-2025 година.

Процесот на креирање на оваа втора Национална стратегија ја предводеше Агенцијата за млади и спорт, во соработка со Програмата за развој на Обединети Нации (UNDP).

Како што соопшти Агенцијата, креирањето на овој документ е резултат на работни групи во кои беа вклучени учесници-претставници на невладини организации, институции и млади луѓе кои заеднички дискутираа за деветте приоритетни области содржани во стратегијата: младинско учество, локална младинска работа, младинско информирање, вработување, образование, култура, спорт, здравје и квалитет на живеење.

По креирањето на нацрт текстот, Стратегијата беше презентирана во рамки на јавните дискусии низ Република Македонија, по што, како завршен настан на крајот на 2015 година беше одржана голема јавна расправа, која опфати учество на повеќе од 100 учесници.

– Процесот на изработка на оваа стратегија која ќе придонесе за подобрување на состојбата на младите во рамки на деветте области, беше еден од најинклузивните и транспарентни процеси со учество на преку 500 заинтересирани претставници од засегнатите страни во младинскиот сектор, наведува Агенцијата.

Во текот на 2016 година се очекува да се изработи и акциски план за спроведување на активностите предвидени со Стратегијата.