Струшката полиција поднесе кривична пријава за скопјанец поради измама

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „измама“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против М.А.(44) од скопското село Сарај. Во врска со кривичните дела „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, во пријавата, опфатени се и Б.Д (54) од Велес и Ф.А.(43) од Желино.

Во текот на ноември минатата година, првопријавениот М.А. од лице од струшкото село Франгово купил патничко моторно возило „Митсубиши Пајеро“. Купопродажбата била со усмен договор за сума од 9000 евра, со дадена сообраќајна дозвола но без полномошно за управување и без купопродажен договор. Според договорот, паричните средства требало да се платат во рок од три месеци.

По извесно време, М.А. без писмен договор, возилото го препродал на жител од скопското село Копаница кој пак, набрзо му го продал на второпријавениот Б.Д. од Велес. Истиот направил лажна исправа-полномошно на име на првиот сопственик на возилото, му го продал на лице од Скопје и со фалсификуван печат од нотар го употребил кај третопријавениот Ф.А. кој искористувајќи ја својата положба и овластување во својство на нотар наместо во оригинал, прифатил копија од приложеното фалсификувано полномошно.

На тој начин Ф.А. заверил договор за купопродажба помеѓу оштетениот-првиот сопственик на возилото од струшкото село Франгово и лицето од Скопје. Со тоа Ф.А. му овозможил на второпријавениот Б.Д. да се стекне со противправна имотна корист од 300.000 денари.