Утре протест по повод годишнината од смртта на Тамара

Утре, во 12 часот, пред Јавното обвинителство во Скопје ќе се одржи протест по повод едногодишнината од смртта на деветгодишната Тамара Димовска од Велес. Организаторите бараат јавниот обвинител итно да покрене обвинение против одговорните за нејзината смрт. Откако настанот беше инициран на социјалната мрежа „Фејсбук“, Јавното обвинителство соопшти дека за овој случај се осомничени повеќе лица.

Денеска, само еден ден пред протестот, Основното јавно обвинителство – Скопје соопшти дека повеќе лица се осомничени за случајот со смртта на малата Тамара.

Деветгодишната Тамара Димовска од Велес, која имаше искривување на ’рбетот, почина лани на 9 февруари, откако претходно без знаци на живот била пренесена во велешката болница. Битката на девојчето со надлежните институции траеше цели три месеци, при што министерот за здравство, Никола Тодоров, изјави дека операцијата ќе биде на сметка на државата.

Здравствената голгота на малата Тамара продолжи и по најавата дека операцијата, која чини 30.000 евра, ќе ја плати државата. Нејзината мајка неколкупати реагираше дека се заглавени во правна процедура, а дел од лекарите од кои се чекаше конзилијарно мислење на почетокот тврдеа дека деветгодишното девојче не е случај за итна операција. Под притисок на јавноста, на почетокот на декември Фондот за здравство го извести семејството на Тамара дека „Комисиите за лекување во странство при ФЗОМ донесоа позитивно решение и осигуреното лице Т.Д. ќе биде испратено на лекување во реномирана болница во Турција“.

По смртта на девојчето во повеќе градови низ Македонија се одржаа протести.

Извор: meta.mk