Новата Директивата за индустриски емисии претставува главен инструмент за превенција на емисиите од големите индустриски активности, истакна денеска министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири на отворањето на состанокот на твининг проектот „Зајакнување на административните капацитети на централно и локално ниво за транспонирање и имплементација на новата Директива за индустриски емисии“.
Со овој проект, рече Изаири, на Македонија и се обезбедува поддршка за поуспешна хармонизaција на националното законодавство со законодавството на Европската унија.
„Директивата применува интегрален пристап, што има за цел спечување и намалување на загадувањето на животната средина од сите аспекти како што се воздухот, почвата, водата, употреба на ресурси како и генерирање на отпад од самите индустриски активности. Исто така, ги поставува основните принципи за издавање на дозволи и контрола, базирајќи се на построга примена на најдобрите достапни техники (BAT)“нагласи Изаири.
Министерот појасни дека новата Директива заменува седум претходно постоечки Директиви, поврзани со индустриски активности и пропишува обврзувачки услови за работа на инсталациите во построга мера од барањата кои што важеле во претходното законодавство на ЕУ.
Амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав појасни дека проектот треба да им овозможи на властите да ја спроведат директивата на ЕУ која ги контролира индустриските емисии.
„Воспоставувањето на добри практики за контрола на индустриските инсталации претставува значаен елемент за здрав менаџмент во оваа област. Земјата редовно се оценува во оваа област од страна на ЕУ и во последниот извештај гледаме дека интегрираната контрола како и процедурите за дозволи имаат напредок, меѓутоа, сепак, останува уште многу да се направи“, рече Орав.
Овој проект, како што посочи, има за цел да ги поддржи властите да постигнат напредок во оваа насока. – Тоа бара голема заложба со цел да се задоволат условите коишто се веќе дел од домашната легислатива и да се усогласи со европската легислатива. Националните власти треба и понатаму да се залагаат за спроведување на потребните реформи за кои не треба да останат само на хартија, туку треба целосно да се спроведат, истакна Орав.
Тој потенцира дека чистата здрава средина е многу значајна за здравјето на поединците. Треба да се вложат напори, рече Орав како на централно така и на локално ниво за да обезбедиме чиста вода и воздух за следните генерации. Нагласи дека ЕУ ќе продолжи да му дава поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање во исполнување на условите и постигнување на целите на патот кон зачленување во Унијата.
Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими потенцира дека поглавјето што се однесува на животна средина претставува едно од најобемните поглавја и најголемите предизвици во однос на имплементација на овие директиви од аспект на администрацијата и легислативата.
„Карактеристично за овој проект е и тоа што го користиме твининг проектот, што користиме искуствата од земјите-членки на ЕУ т.е. Австрија и Шпанија и нивните институции и нивите искуства во однос на имплементација на директивите на ЕУ во однос на климатските услови во Република Македонија. Исклучително е важно што ние како земја сме исто така дел од КОП 21 каде што во Париз минатата година се донесоа заклучоци со многу јасни определби на глобално ниво во однос на животната средина,“ истакна Бесими.
Потенцира, дека Македонија се залагаме за одржлив раст, а тоа значи, како што рече, дека нашите компании треба во рамките на стандардите на европскиот пазар со кој имаме потпишано Спогодба за стабилизација и асоцијација да исполнуваат услови за конкурентност.
Амбасадорот на Австрија Ренате Коблер рече дека неговата земја е голем поддржувач во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, при што и во таа насока нудат голем број на проекти за развој на добри практики, како и значајни твининг проекти заедно со ЕУ.
Вредноста на проектот е 900 илјади евра со траење од 15 месеци, а започнат е со спроведување на 1 октомври 2015 година. Партнери во реализацијата на проектот се: Австрија, преку австриската Агенција за животна средина и Шпанија преку две институции, Регионалното Министерство за животна средина, просторно планирање и инфраструктури на Галиција и Меѓународната фондација за јавна администрација и јавни политики – ФИИАПП.
Проектот е составен од четири компоненти, во рамките на кои ќе се врши процена на економското влијание врз индустрискиот сектор при спроведувањето на Директивата. Ќе се подготови примарно и секундарно законодавство во согласност со новата Директива што подразбира изготвување на нов Закон за контрола на индустриски емисии, како и подзаконските акти кои што произлегуваат од него. Во рамките на проектот ќе биде подготвен и приоритетен список со опрема потребна за спроведување на новата Директива за индустриски емисии.