Во врска со соопштението на ОО наСДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:
„Основното начело на етичност во општественото живеење е да не се злоупотребуваат децата во политички цели. Очигледно дека во општинската организација на СДСМ, како и досега, во недостаток на аргументирана политичка дебата, ги користат децата како параван за неоснованите напади врз Локалната самоуправа и раководството на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.
Очигледно е дека за СДСМ ништо не е свето, па така од обичен технички дефект на котелот за парно греење во објектот „Развигорче“ при детската градинка „Јасна Ристеска“, кој патем брзо е саниран, намерно ја манипулираат јавноста, дека децата два дена се смрзнувале. Заслепени од желбата на ефтин начин да спечалат некој политички поен, се обидуваат да ја манипулираат јавноста за негрижа за најмладите, наместо да признаат дека во нивното владеење децата се смрзнуваа и во училиштата и во градинките, а средствата за таа намена завршуваа за намирување на партиски потреби.
Во СДСМ треба да признаат дека како никогаш досега, сите објекти на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, на основните и средни училишта во градов, плански и долгорочно се обезбедени со потребната нафта за греење од страна на Локалната самоуправа. За разлика од нивното поминато време на катастрофално владеење, Локалната самоуправа, заедно со ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, во случај на дефект на системот за затоплување има обезбедено резервни грејни тела и не дозволува децата да престојуваат во ладни простории. Веднаш по известувањето од Детската градинка „Јасна Ристеска“, Градоначалникот Никола Бакрачески организира екипи за санирање на дефектот, а паралелно во функција беа ставени дополнителните грејни тела.
По Вашето скандалозно соопштение, Ве уверуваме дека јавноста ќе побара одговорност за злоупотребата на децата за остварување на ситни политички цели и ќе Ве казни за таквите постапки.“- стои во реакцијата.