Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Берт Коендерс.
На средбата претседателот Иванов и министерот Коендерс разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Кралството Холандија, интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, како и актуелните состојби со мигрантската криза.
Република Македонија, рече претседателот Иванов, останува посветена на заложбата за почеток на пристапни преговори со ЕУ и зачленување во НАТО, како највисок стратешки приоритет, порачувајќи дека статус-кво состојбата не смее да продолжи.
Во контекст на мигрантската криза, претседателот Иванов рече дека земјата се залага за сеопфатно европско решение, за заеднички критериуми за редуцирање на нелегалниот наплив на мигранти, за намалување на безбедносните ризици и промена на законите за заштита на границите.
Република Македонија, рече претседателот Иванов на средбата, одговорно ги спроведува заклучоците на Европскиот совет во поглед на регистрацијата на мигрантите и бегалците согласно европските стандарди, и го повтори ставот дека Република Македонија останува транзитна земја за мигрантите.