„Ниту Македонија ниту која било држава не е имуна на заканата што ја претставува тероризмот како глобална безбедносна закана. Тој не признава граници, националност, верска, етничка припадност, културна средина. Тероризмот најчесто ги зафаќа регионите и државите каде има воени судири, но последните настани како нападите во Франција и Белгија покажуваат дека тој е можен и во нашите средини, што секако бара наша будност и подготвеност“. Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на отворањето на НАТО школата за справување со заканите од тероризмот во Југоисточна Европа, која се одржува во текот на оваа недела во Охрид.
Обраќајќи се пред учесниците на собирот министерот на одбрана Зоран Јолевски рече дека оваа средба и обука ќе биде добра можност за размена на искуства и разработување методи за што поефикасно дејствување во борбата против тероризмот. Министерот додаде дека дискусиите меѓу учесниците на собирот, личните контакти, ќе дадат придонес во што поефикасна соработката меѓу државите од регионот, за подобрување на нашата подготвеност во справувањето на безбедносните предизвици каков што е меѓународниот тероризам.
Тревис Морис, професор од Центарот за војна и мир при Универизитетот „Норвич“ од САД истакна дека преку овие обуки се поврзуваат активностите на сите државни институции надлежни за безбедноста во државите од регионот.
„Очекуваме тука да ги чуеме најдобрите практики и предлози и истите да ги инкорпорираме во регионалниот безбедносен систем“, истакна Морис.
Деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски изрази задоволство што институцијата по четврти пат изминатите две години ја добива довербата и честа да организира ваков настан, напреден курс за воени и безбедносни експерти од сите држави од регионот.
„На оваа обука главна тема на дискусија ќе биде актуелната тема на тероризмот како глобално зло, уште повеќе што Македонија и регионот се на главната рута на напливот на бегалци од воените зони на Блискиот Исток“, рече тој.
Напредниот курс поддржан од Северноатланската алијанса во Охрид се одржува во организација на Воената академија од Скопје и Центарот за војна и мир при Универзитетот „Норич“ од САД. На курсот учествуваат педесеттина претставници на институции од областа на безбедноста и одбраната на десет држави од регионот, како и експерти од САД и Канада.