Претседателот Иванов учествува на Самит на земјите од Вишеградската група

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес престојува во работна посета на Чешката Република, по повод учеството на вонредниот Самит на земјите од Вишеградската група (В4), што ќе се одржи во Прага.

На самитот, покрај претседателот Иванов, ќе учествуваат премиерите на земјите-членки на Вишеградската група, премиерот на Чешката Република,  Бохуслав Соботка, премиерот на Полска,  Беата Шидло, премиерот на Унгарија,  Виктор Орбан, премиерот на Словачката Република Роберт Фицо, а предвидено е и учество на премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.

Претседателот Иванов ќе се обрати на пленарната сесија на самитот и ќе присуствува на работната вечера на учесниците на самитот.

Централни теми на вонредниот самит на земјите од Вишеградската група се предизвиците од мигрантската и бегалската криза и начините за справување со нив.

За време на работната посета на Чешката Република, претседателот Иванов ќе оствари средби со чешкиот претседател, г. Милош Земан и со чешкиот премиер, Бохуслав Соботка.