Во сабота еднодневна планинарска тура од Корита до Липова ливада на Галичица

Во рамките на одбележувањето на Неделата на срцево-садови заболувања, Црвен крст Охрид во сабота (20 февруари) организира еднодневна планинарска тура од месноста Корита 1350 мнв. до Липова ливада 1650 мнв, на планината Галичица, со можност и за искачување на некој од околните врвови (за оние со подобра кондициона подготвеност).

На оваа физичка активност можат да учествуваат сите оние кои се чувствуваат психофизички способни и поседуваат стандардна планинарска опрема за искачувања на планина: планинарски чевли, планинарски ранец, (резервна топла облека, јакна за заштита од дожд и ветар, храна и вода мин 1,5 л., капа, очила и друга заштита од сонце).

Групата ќе ја придружуваат и водат членови на Единицата за спасување на планина и непристапни терени при Црвен крст Охрид.

За сите учесници ќе биде обезбеден топол чај во Станицата за спасување на Црвен крст Охрид на местото Липова ливада, каде медицински тимови ќе вршат основни здравствени прегледи на заинтересираните.

Поаѓањето со автобус до месноста Корита ќе биде во сабота (20 февруари) во 8:00 часот од пред седиштето на Црвен крст Охрид (ул. „Димитар Влахов” 52). Цената на повратен автобуски билет е 250,оо ден.

Заинтересираните учесници потребно е да се пријават во просториите на Црвен крст Охрид (со пополнување на соодветна пријава), секој работен ден од 8-16 часот.

За повеќе информации на располагање се телефоните 046 261-909 и 071 34-22-48.

METADATA-START